1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Во Бугарија ништо не се менува“

Пламен Горанов во февруари се самозапали во Варна. Неговите пријатели велат дека сакал да поттикне промени во земјата. Но до денес не се менува ништо.

Ник Тодоров е се‘ уште во шок. На крајот на февруари остана без својот пријател Пламен Горанов. Тој пред Градското собрание на бугарскиот крајбрежен град Варна се полеа со пет литри бензин на скалите на општинската зграда и се запали.

„Не сакам да верувам дека Пламен веќе го нема. Се‘ уште верувам дека еден ден ќе се врати од некаде“, вели Ник

Граѓаните редеа камен врз камен пред Градското собрание - бугарски обичај од 19. век. Кога купот ќе стане доволно висок, градоначалникот мора да даде оставка. Пламен сакаше повеќе од тоа - протест против корупцијата, подмитувањето и сиромаштијата што е последица од тоа.

Демонстрациите во најсиромашната земја на ЕУ од пред неколку месеци прво беа насочени против високите цени на струјата. Но, станува збор за повеќе - за врската на политиката и бизнисот, за мафијата. Пламен Горанов беше најгласен во Варна во извиците против ТИМ.

Proteste und Andacht in Varna

Пламен Горанов бараше промени, велат неговите пријатели

Т-И-М - тоа е најмоќната фирма во Бугарија. На еден плакат во Варна се‘ уште стои „Пламен изгоре за да го потпали ТИМ“. Концернот има банки, безбедносни фирми. Тесно е поврзан со политиката, вели и Ник, кој има продавница.

Денес легалното претпријатие почна со матни зделки со приватизација, во 90-тите години, по падот на комунизмот. Ник вели дека за него и неговите пријатели тоа било време на полет - слобода, демократија, шанси за сите, самоостварување. Така било и за Пламен, но потоа повторно станало потешко. Ник се сеќава:

„Околу нас повторно имаше ѕид, моравме да констатираме дека нема излез. Тоа можеби беше една од причините за борбата на Пламен.“

Ѕид направен од мрежите на стариот комунистички кадар и бизнисмените во профитабилната туристичка метропола, во која доминира само една фирма. Така е и со плажите кои носат профит. Секој што сака овде да отвори кафуле, може да изнајми парцела кај само една фирма. Државата го има отстапено земјиштето. Пријателот на Ник, Борислав,  поранешен сопственик на кафуле на плажа, кренал раце и веќе не се обидува:

„Нема конкуренција, а без вистинска конкуренција не можеш да заработиш пари, затоа што монополот ќе ти ги извлече и последните пари од џебот.“

Претпријатието сега гради огромен хотелски комплекс. Земјиштето го има добиено без тендер. Интервјуа на таа тема нема.

Во предизборната кампања политичарите зборуваат - се минимизира тоа дека протестите во Варна беа насочени пред се‘ против поврзаноста на политиката и бизнисот. Пламен Манушев, кандидат за пратеник од конзервативната партија ГЕРБ, се обидува да објасни:

„Некој бил можеби платен за да протестира против ТИМ. Не сум адвокат на ТИМ, но тоа е едно од најголемите претпријатија.“

Пријателите на Пламен Горанов на своите средби се сеќаваат на Пламен Горанов. Тие свират и жалат за пријателот.

„Тој сакаше промени кои до денес не се случија. Во Бугарија ништо не се менува по неговата смрт и се чини и ќе остане исто“, вели Веселин Слатков, еден од пријателите.

И од наредната влада тие не очекекуваат ништо.