1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Брисел се проверуваат доказите за трговија со органи на Косово

Откако во Србија беше објавено сведочењето на заштитениот сведок за трговијата со органи на Косово, од европскиот Специјален тим порачуваат дека се проверуваат доказите, но оти за судски процес е рано да се зборува.

Во бриселското седиште на Специјалниот истражен тим на ЕУЛЕКС задолжен за истрага на наводите за трговија со човечки органи за време на војната на Косово остануваат резервирани во однос на коментирањето на оперативните детали од истрагата, кои излегова во медиумите оваа недела. Српските власти информираа дека како сведок имаат припадник на УЧК, кој учествувал во отстранувањето на срце од српски затвореник за меѓународниот црн пазар на органи за време на косовскиот конфликт. Во Брисел не сакаат да зборуваат за новиот сведок во истрагата.

„Што и со кого сме разговарале, а и што имаме намера да правиме не можам да кажам. Станува збор за истрага која е во тек, а нашата политика е јавно да не откриваме детали од истрагата, доказите, како сме дошле до нив или, пак, кој би можел да биде сведок“, вели за Дојче веле портпаролот на Специјалниот истражен тим Јури Лас.

Во истовреме, Лас вели дека во Брисел знаат дека српското Обвинителство за воени злосторства објави, дури и преку националната телевизија, докази на новиот сведок во случајот со трговијата со човечки органи на Косово и дека по тој повод и самите добиваат многу прашања.

„Која и да е информација што ќе дојде до нас ние подеднакво ќе ја провериме – темелно и независно. Целосно сме приврзани на професионалното и темелно спроведување на истрагата и ќе ги следиме трагите, каде и да не однесат“, вели Лас за Дојче веле.

Српските власти информираа дека истрагата ги однела до доказ со опис на операцијата за отстранување на срце од српски затвореник во близина на северниот албански град Кукс на крајот од 90-тите години, како и информација за транспортирањето на органот до аеродромот Ринас во Тирана.

Kosovo Fahne Unabhängigkeit

Доколку има судски процес тој треба да биде пред меѓународни судии на Косово или, пак, пред специјално формиран суд

Доказите мораат да бидат одржливи на суд

Во бриселското седиште на Специјалниот европски истражен тим за забелешките на брзината на нивната истрага велат дека постојат законски процедури за кои секогаш е потребно време, како и дека во Извештајот на Советот на Европа се работи за повеќе случаи, различни јурисдикции и настани кои се случиле пред 12 или 13 години, како и оти таквата истрага е „неизбежно долга и комплицирана“.

„Секој кој се занимавал со вакви истраги знае дека овие работи се комплицирани и бараат време. Се’ мора да се провери повеќе пати. Погледнете го на пример Трибуналот за воени злосторства во Хаг и ќе ја сфатите временската рамка на ваквите истраги“, вели Лас за Дојче веле.

Рано е да се зборува за судењето

„За некој доказ да има своја вредност тој мора да ги издржи предизвиците со кои ќе се соочи на суд“, велат во Брисел и додаваат дека тоа е целта на криминалистичката истрага, за што и секој доказ детално се проверува и анализира. А, кога станува збор за прашањето за судењето на можните обвинети за трговија со човечки органи на Косово, кое директно е поставено и од страна на српското Обвинителство за воени злосторства, од специјалниот истражен тим на ЕУ одговараат дека тие работат под системот на ЕУЛЕКС.

„Она ние што би го побарале би биле меѓународни судии, кои веќе се на Косово, или доколку е можно специјален суд кој би бил формиран. Но, за тоа се’ уште е рано да се зборува“, вели Лас.

Обвинувањата за трговија со органи излегоа на виделина за првпат во 2008-ма година од страна на хашката обвинителка Карла дел Понте. Таа тврдеше дека стотици жртви биле киднапирани на Косово во последните фази од војната и однесени во логори по должината на граница со Албанија. Во извештајот од 2010-та година на известувачот во Советот на Европа Дик Марти, пак, стои дека високи команданти на УЧК, вклучувајќи го и сегашниот премиер на Косово Хашим Тачи, биле инволвирани во организираниот криминал.