Во Брисел претстои напорен ден, веројатно и долга ноќ | Теми на денот | DW | 22.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Брисел претстои напорен ден, веројатно и долга ноќ

Во тек е вториот ден на самитот на ЕУ. Во моментов е сосем неизвесно дали ќе биде можен компромис во спорните теми поврзани со европскиот устав.

default

Тешка задача за Ангела Меркел, која претседава со Советот на ЕУ

Изутрината претседавачот со Советот на Унијата, германскиот канцелар Ангела Меркел имаше билатерални разговори со делегациите на Полска, Велика Британија, Холандија и Чешка. Наместо изгледи за компромис, се појавуваат нови проблеми – Полска сака важноста на системот на гласање за договорот од Ница, за неа многу поволен, да биде продолжена до 2020-та година. Холандија бара националните парламенти да можат да запрат закони од ЕУ.

Но, надежта дека сепак ќе се дојде до некаков компромис не е загубена. “Волја има, но и некои отворени и вистински компликувани прашања”, вели Ангела Меркел. “Синоќа беше вечера, но можеби подобро би ја опишале како предјадење - главното допрва доаѓа”, вели претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. “Многу се надевам дека денеска ќе постигнеме согласност. Постојат многу можности да се дојде до договор, брзо и недраматично”, уверен е претставникот за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана.

Во секој случај, првиот ден од самитот на ЕУ не донесе никаков напредок за клучната тема – реформата на ЕУ.