1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Во Берлин се кројат изборни комбинации

И Христијанските демократи и Социјалдемократите ги повикаа сите останати партии на преговори, бидејќи сите комбинации се отворени

Црно-жолто-зелена коалиција на чело на Германија?

Црно-жолто-зелена коалиција на чело на Германија?

Ангела Меркел е задоволна од изборниот резултат, иако за жал тој не и‘ отвора простор за комплетна смена на власта. Според достапните резултати, нејзината Христијанско демократска и Христијанско социјалната Унија освоиле 450.000 гласови повеќе од Социјалдемократската партија:

„Тоа е сосема јасен налог за формирање влада. Тоа е и мислење на целиот Президиум на Христијанско демократската Унија.„

И претседателот на сестринската Христијанско социјална Унија, Едмунд Штојбер е на исто мнение. Во таа смисла тој побара од канцеларот Герхард Шредер да го признае резултатот од изборите.

Социјалдемократите на Шредер меѓутоа и понатаму поинаку ги толкуваат изборните резултати. Како поединечна партија СПД остварила најдобар резултат.

„Луѓето во Германија додуша не и‘ дадоа мнозинство гласови на црвено-зелената коалиција, но исто така не и‘ дадоа мнозинство ни на црно-жолтата. Според текот на изборите ова е пораз за госпоѓа Меркел и затоа сметам дека мора да се извлече разумен заклучок од ваквиот изборен резултат. Имено, Герхард Шредер треба и понатаму да биде на чело на германската влада„ – оцени Претседателот на СПД, Франц Минтеферинг.

Во Берлин и понатаму интензивно се работи на барање можна коалиција за идната влада. И Христијанските демократи и Социјалдемократите ги повикаа сите останати партии на преговори, бидејќи сите комбинации се отворени. При тоа Гидо Вестервеле, шефот на Либералите, кои станаа трета сила во новиот Парламент, уште еднаш нагласи дека нема интерес за коалицирање со СПД и Зелените, кои до сега беа на власт. Но, за коалиција со предизборниот партнер ЦДУ и со евентуална учество на Зелените како трета партија во идната владина коалиција за него се‘ уште има простор:

„Ние секако ќе ја земеме предвид секоја шанса за создавање црно-жолта влада во Германија, бидејќи само така е можна смена на власта. Дали Зелените ќе се преориентираат и ќе ја подржат владата на ЦДУ и Либералите, тоа во моментов не го знам. Но, исто така не можам ни да го исклучам, бидејќи не знам какви се‘ процеси се во тек кај Зелените.„

Вестервеле е во право, бидејќи процесот на расправање околу ваквата коалиција во редовите на Зелените е во полн ек. Досегашниот министер за заштита на потрошувачите од редовите на Зелените, Ренате Кинаст, посочи дека може да си замисли ваква коалиција. Истото важи и за копретседателот на партијата Рајнхард Битикофер. Дојдоа предлози за преговори и од СПД и од ЦДУ и сега очекуваме нивна конкретизација, најави Битикофер. За него меѓутоа важи принципот дека содржинските прашања имаат предност пред оние околу поделбата на политичката моќ во идниот состав на владата.

Врвниот кандидат на Зелените, Јошка Фишер манифестираше поголема воздржаност:

„Како некој кој од секогаш бил подготвен на спонатни решенија, јас сум и сега отворен за креативни идеи – доколку навистина има такви. Но, како реалист ви велам дека Зелените би направиле огромна грешка, кога би се повеле по моменталните понуди, наместо да се држиме до принципите!„

Во целиот политички рингишпил има само една константа. Тоа е партијата на Новата левица, која јасно се определи за улогата на опозиција. Нејзиниот врвен кандидат, поранешниот шеф на СПД, Оскар Лафонтен, најави силен притисок врз неомилените социјални реформи на досегашната влада содржани во Агендата 2010 и законот за скусување на социјалната помош наречен Харц 4:

„Во секој случај ќе биде создадена коалиција за натамошно скусување на социјалните давачки во насоката што ја зацртаа Харц 4 и Агендата 2010. Таквата анти-социјална коалиција меѓутоа ќе наиде на силна опозиција во новиот Парламент. Тоа е нашата улога!„