1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Во Анкара 25 илјади луѓе демонстрираа за секуларна Турција

Вчерашниот напад врз судии од највисокиот управен суд примен како напад врз секуларното уредување на републиката

Премиерот Ердоан и портретот на Ататурк

Премиерот Ердоан и портретот на Ататурк

Сирената на гигантскиот мавзолеј на Ататурк високо над главниот град на Турција даде знак за едноминутно молчење. Илјадници се собраа изутрината – жени со насолзени очи скриени под очилата за сонце, работници, но пред се’ судии во црвените или виолетови тоги. Маршот со молчење прерасна во протестна демонстрација. „Турција е и секогаш ќе остане лаицистичка“ скандираа луѓето, за кои нападот врз судијата е напад врз секуларната република.

Судијата Езбилген им подлегна на повредите, четворица негови ранети колеги лежат в болница. Врз нив, за време на седница на судскиот совет, пукал млад адвокат викајќи дека е војник божји и „Алах е голем“. Тој веројатно сакал да се одмазди за една пресуда на Советот од почетокот на годинава со која на некоја учителка и’ било спречено унапредување оти носела шамија на глава – не во училиштето, но сепак на улица и дома. Судот оценил дека со тоа дава лош пример за учениците.

Од протест против, како што се претпоставува, исламски мотивираниот крвав напад, луѓето денеска полагаа цвеќе кај судот. „И јас сум муслиман, но ова нема врска со религијата. Никој нема право и не е доволно силен за да ја собори нашата лаицистичка република“, „Ние сме деца на републиката. Не сме заслужиле нешто вакво. Никој не смее да ни направи нешто вакво“, „Напад врз високиот суд е напад врз лаицистичкото уредување на Турција“ – велат некои од оние кои демонстрираа за зачувување на одвоеноста на државата од религијата во Турција.

Во високотиражниот весник „Хуриет“ се зборува дури за „наш 11-ти септември“, а весникот „Милиет“ во насловот пишува за „Куршум врз лаицизмот“.

Лаицистичкото уредување, од воведувањето од страна на Ататурк во 1923-та година, забранува носење шамии на глава во сите училишта, на универзитетите и во јавните служби. Наспроти сите обиди на исламско-конзервативната влада на Реџеп Таип Ердоан за олабавување на забраната, судиите на управниот суд цврсто ја забетонираа со нови пресуди.

Претседателот на судот Зумру Чертоглу речиси неприкриено и’ префрла соодговорност за нападот на владата на Ердоан. Таа вели: „Овој напад ќе влезе во историјата на републиката како мрачна глава. Неодговорните изјави или дури и подбуцнувачки говори на некои политичари и весници имаа разорно влијание“.

Владата ја оцени пресудата за шамиите како погрешна и опасна. Премиерот Ердоан, кој дури во 90-тите години се дистанцира од своето исламистичко минато, се брани: „Грда работа е нападот да се поврзува со прашањето за шамиите или дури и со моите поранешни гледања“.

Истрелите врз судиите повторно ги откопаа старите турски јазови меѓу религиозните и секуларните.