1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Во Авганистан гледачи гласаат кој ќе игра фудбал

Во Авганистан повторно се игра фудбал. Фудбалерите за Фудбалската лига се регрутираа преку телевизиска емисија. Широките народни маси се воодушевени, но не сите гледаат розова иднина.

„Зелена трева“ е името на емисијата, која ја конципираа авганистанскиот Фудбалски сојуз и една телевизиска станица во земјата. Идејата потсетува на многу кастинг формати, какви што се познати од германската телевизија. Гледачите на кастингот преку СМС можеа да гласаат за по тројца играчи за секоја екипа. Некои меѓутоа критикуваат дека во лигата нема да играат најдобрите таленти, туку пред се’ синовите на влијателни фамилијарни кланови.

Во Авганистанската премиер лига, како што официјално ќе се нарекува, ќе се натпреваруваат осум тимови.

Меѓу пријавените беше и Хашатула Барекзаи. Тој иако веќе е дел од авганистанската национална репрезентација, место во новата клуб лига не си обезбеди. На кастинг шоуто со 10.000 учесници предност добија други играчи. „Тој не беше фит“, објаснува Али Аскар Лали зошто Барекзаи отпадна од конкуренција. При кастингот беа спроведени три тестови - издржливост и кондиција, играчки способности и психичка подготвеност.

Помош од Германија

Лали во Авганистан е еден вид пандан на Германецот Франц Бекенбауер и игра улога при формирањето на лигата. Тој тукушто се врати од Кабул. Инаку Лали со семејството живее во Есен. „Проектот има иднина, оти е осигуран преку договор со спонзорите“, вели тој. Спонзорите се телекомуникациското претпријатие Рошан и авганистанската банка АИБ. „Во иднина натпреварите ќе бидат пренесувани преку радиото и телевизијата и тоа преку два медиуми. Толо ТВ ќе пренесува на персиски, додека Лемар на пашту јазикот“. Лали во 70-тите години беше една од централните фигури на националната репрезентација на Авганистан. Нему фудбалот му го спаси животот. „Кога Русите вмаршираа во Авганистан двапати бев апсен. Тогаш мораше да имате среќа, веднаш да не ве убијат. Само затоа што бев репрезентативец постојано ме ослободуваа“.

Discover Football

Али Аскар Лали (во средина)

Откако советските трупи на почетокот на 80-тите навлегоа во Авганистан Лали во 1981 година пребега преку Иран во Германија. Тука се стекна со сите потребни лиценци и се образуваше за тренер. Во 2003 година заедно со Герменцот Клаус Штарк започна да го обновува фудбалот во неговата уништена земја. Штарк ги познава околностите под кои ќе се игра фудбал. „Според моите сознанија во наредните пет години во Авганистан би требало да се формира професионална лига“. Штарк, во младите денови играше за Штутгарт, а подоцна тренираше аматерски клубови во Германија. Во 2004 година замина за Авганистан како тренер на репрезентацијата, а во меѓувреме работи на долгорочниот проект за фудбал на Германскиот олимписки сојуз во Намибија.

Без никакви структури, голема опасност

Во времето кога тој ја тренираше репрезентацијата, Авганистан успеа да се подобри неколку места на фудбалската ранг листа на ФИФА. За Светското првенство во Германија во 2006 година авганистанскиот фудбалски сојуз, формиран во 1933 година, за првпат во историјата на авганистанскиот фудбал ја пријави навреме репрезентацијата за учество на квалификациските натпревари. До 2006 година од авганистанска страна никогаш не пристигна пријава до крајниот рок за пријавување. Оттука не зачудува многу фактот, што нацнионалниот тим нема позабележителни резултати.

Afghanistan professionelle Fussball Liga

Фудбал во Авганистан

Но и покрај тоа за многумина меѓу речиси 29 милиони жители на Авганистан фудбалот е најомилен спорт. „Луѓето се луди по фудбал. Тие дури забораваат да се молат кога се пренесуваат натпреварите. Исто така патуваат повеќе од илјада километри за во живо да го следат својот тим“, вели Наил Сахедбел. Како млад човек тој пред 20 години дојде во Германија. Татко му загинал во војната. Кога советската армија во 1988 година го напушти Авганистан и се вратија талибанците, Сахедбел почнал да учи германски. Подоцна во Касел се обучил за физиотерапевт. По пет години минати во Германија станал судија и се преселил во Баварија. Слободното време оттогаш му го посветува на фудбалскиот клуб Пасау и на авганистанскиот фудбал. Како физиотерапевт на репрезентацијата и тренер на подмладокот Сахедбел помага секаде каде што може - организираше испорака на помош во тренерки, дресови, топки и лекарства. „Посакувам авганистанските деца да може да играат фудбал, да добијат надеж и да бидат корисно ангажирани. Во Авганистан имаме тројца судии: двајца се веќе престари, а третиот не ги познава најновите правила. Во Германија има 85.000 судии“. Со многу играчи во автобус за првпат спроведе ментален тренинг, ги масираше по натпреварот. „Тие воопшто не знаеја за тоа“, вели Сахедбел.

Најчесто авганистанската фудбалска репрезентација се натпреавува во Индија, како и неодамна во главниот град Њуделхи. Во сопствената земја би било преопасно. Мнозинството Авганистанци тогаш седат пред радио приемникот и слушаат внимателно, дали овојпат нивните играчи ќе постигнат гол. До пред десет години, талибанците забрануваа секаков спорт.„Исто така и музиката беше забранета. А ној кој ќе ја избричеше брадата, добиваше 70 камшици“, вели Сахедбел. Оттука разбирлив е недостигот на потенцијални играчи за планираната авганистанска лига - и за успехот на кастинг шоуто „Зелена трева“.