1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војската го собори Мурси, Египет слави

Армијата го собори од власт египетскиот претседател една година по неговото стапување на функцијата. Суспендиран е уставот и најавени се предвремени претседателски избори. Противниците на Мурси слават.

Египетската армија објави дека претседателот Мохамед Мурси веќе не е на власт. Нему му е изречена забрана за напуштање на земјата. Мурси претходно бараше заштита од Републиканската гарда. На улиците излегоа тенкови.
Во Египет, според војската, власта привремено ќе ја води претседателот на Уставниот суд. Ова синоќа (03.07) во телевизиски настап го најави министерот за одбрана Абдел Фатах ал-Сиси, истовремено најавувајќи нови претседателски и парламентарни избори. На обзнанувањето на договорот, остварен под покровителство на армијата, присуствуваа и опозицискиот лидер, поранешниот челник на Меѓународната организација за атомска енергија, Мохамед Ел Барадеи, патријархот на Коптската црква, Теодорос Втори и шеикот на влијателниот исламски универзитет „Ал-Азхар", Ахмед ат-Тајиб.
Патријархот Теодорос Втори, од своја страна, нагласи дека сите решенија „се донесени со љубов кон египетскиот народ и поради неговата иднина". Опозицискиот лидер ЕлБарадеи, пак, изјави дека ова претставува „рестартирање" на револуцијата од 2011 година.
„Тоа беше одлуката на сите коишто учествуваа на советувањето. Го поддржуваме одржувањето предвремени претседателски избори", изјави шеикот ат-Тајиб.
Политичките противници на Морси, илјадници луѓе собрани на плоштадот Тахрир слават.
Собраните приврзеници на претседателот Мурси во Каиро, според извештај на новинската агенција АФП, биле опколени со повеќе тенкови. Претседателот се наоѓал во касарна на Републиканската гарда во предградие на Каиро, во чија близина вмаршираа војници и подигнаа барикади. Претставник на Мурси изјави дека е во прашање воен пуч.
„Поради историската вистина, да го наречеме она што во моментов се случува со вистинско име - воен удар", изјави советникот Есам ал-Хадад, предупредувајќи дека надоаѓа „страшно крвопролевање".
Вчера инаку истече рокот кој армијата му го постави на претседателот Мурси, по повеќедневните масовни протести со над 20 загинати, да ја реши кризата и да им излезе во пресрет на барањата на критичарите на владата. Ако Мурси не го испочитува ултиматумот, војската најави план за излез од кризата. Мурси одби да даде оставка, истакнувајќи дека е избран на демократски избори, признавајќи грешки, кои вети да ги исправи.
Мурси произлегува од влијателното исламистичко движење Муслиманско братство кое имаше широка поддршка кај масите, но сега очигледно таа се топи.