1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војниците го спасија претседателот

Претседателот на Еквадор Рафаел Кореа прогласи вонредна состојба по протестите на припадници на полицијата и армијата против законот со кој им се скратуваат привилегиите. Земјата се наоѓа на работ на пуч.

default

Претседателот на Еквадор Рафаел Кореа имаше намера да се соочи со припадниците на полицијата забарикадирани во специјалната болница за полицајци во главниот град. Кога се појави, полицајците побараа да поднесе оставка:

„Господине претседателе, заслужувате почит поради функцијата што ја вршите, затоа простете, но вие сте предавник. Единственото што го бараме е да го повлечете законот, а генералите со високи чинови да ги испратите во затвор. Имавте шанса, но не сторивте ништо за силите за безбедност.“

Демонстрантите исто така му се закануваа на претседателот, на што тој изјави:

„Другари, ако сакате да го убиете претседателот, еве го! Убијте ме, убијте го здравствениот систем, нашите вредности, убијте го правото на слобода. Ние сепак ќе продолжиме со политиката на праведност и достоинство и нема да се повлечеме од неа.“

Престрелки меѓу демонстрантите и приврзениците на претседателот

Во острата вербална расправа припадници на полициските сили истрелаа граната со солзавец кон претседателот, при што тој беше лесно повреден. Тој потоа се повлече во болницата, што беше под опсада на полицајците кои протестираа. Претседателот Кореа беше ослободен дури откако се појави единица на еквадорската армија. Во операцијата што траеше половина час имаше престрелки меѓу лојалните сили на претседателот и демонстрантите. Во судирот пред болницата имаше најмалку една жртва и повеќе повредени.

Ecuador Demonstranten Proteste Unruhen Polizei

Демонстрации на полицијата

Откако беше извлечен од опсадата, Кореа се појави пред приврзаниците од балконот на претседателската палата. Тој оцени дека не станува збор за обични протести, туку за безредија што ги организирала опозицијата. Полицајци и војници блокираа повеќе сообраќајни правци во земјата, влегоа во зданието на парламентот, а го блокираа привремено и меѓународниот аеродром во главниот град Кито.

Командантот на еквадорската армија јавно застана зад избраниот претседател на државата и повика на дијалог за проблемите. Поддршка стигна и од главниот внатрешно политички соперник на Кореа, градоначалникот на Гвајакил, Жаиме Небот. Во меѓувреме со изјави на поддршка за легално избраниот претседател на Еквадор се огласија и повеќе државници од странство, меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Автор: ГЧ/ЖА/дапд/дв

Редактор: Жана Ацеска