1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војна во Грузија - Русија се вклучи во воениот конфликт

Грузија со воена офанзива сака да воспостави контрола врз регионот Јужна Осетија, кој речиси веќе две децении живее самостојно, иако непризнат од светот. Од таму побараа руска помош - и таа веќе е упатена.

default

Грузиски ракетни фрлачи во акција

Ова е вистинска војна, известуваат сведоци. Непрестано татнат престрелки меѓу единиците на Јужна Осетија и Грузија, обете страни ангажираат борбени авиони и ракетни фрлачи. Населението е во шок. „И порано доживеавме хаос и борби, но никогаш олку интензивни. Целото село живее во страв“, вели селанец од село во граничниот регион меѓу Грузија и Јужна Осетија.

Грузиската армија навлезе се’ до Чинвали, главниот град на отцепената Јужна Осетија. Таму била бомбардирана дури и преполнетата болница. „Владините трупи ќе ги продолжат активностите се’ додека нема одржлив мир“, навести грузискиот премиер Ладо Гургенидзе.


Грузија ги мобилизира сите свои сили


„Како врховен командант, наредувам општа мобилизација. Сите резервисти да се јават на одредените места и да се упатат во зоната на конфликтот. Со ова се воведува воена состојба во Грузија“, објави преку телевизијата претседателот Михаил Сакашвили.

Во главниот град Тбилиси владее нервоза кај мобилизираните и нивните семејства. „Би сакала да знам зошто сега се случува ова. Сите родители се во паника, тоа се млади момчиња, многумина студираат и немаат воопшто никаква војничка обука“ - вели една мајка. Мобилизацијата, според Сакашвили, била реакција на наводни претходни бомбардирања на грузиски села од руски борбени авиони. Но, нејасно е дали воопшто било така, а тоа енергично го демантира и руското министерство за одбрана.


Руски воен одговор


По пробивот на грузиската армија, раководството на Јужна Осетија побара помош од Москва. Таа пристигнува во регионот - од грузиски и руски официјални извори е потврдено навлегување на руски тенкови. Денеска руски авиони бомбардирале воена база во близина на Тбилиси. „Грузиските офицери го прекршија зборот и го нападнаа Чинвали. Сега е апсолутно јасно зошто Тбилиси толку долго одбиваше да потпише договор со Јужна Осетија и Абхазија за откажување од насилство“, изјави Борис Малахов, претставник на руското министерство за надворешни работи.

Во грузиската офанзива беа нападнати и руски војници од составот на мировните трупи во Јужна Осетија, имало и дестмина загинати. Рускиот премиер Владимир Путин, кој присуствува на отворањето на олимпијадата во Пекинг, ја обвини Грузија дека намерно го одбра овој момент за својата вооружена акција, кога вниманието на светот е свртено на друга страна. „Грузиското раководство изврши агресија против Јужна Осетија, де факто започна војна. Има жртви, страдаа и руските мировни трупи. Тоа е жално и, се разбира, бара адекватен одговор“.


Медведев: „Виновниците ќе бидат соодветно казнети“


По пладневната седница на рускиот национален совет за безбедност, претседателот на земјата Дмитриј Медведев изјави дека виновниците соодветно ќе бидат казнети, оти според уставот „е обврзан да го штити животот и достоинството на руските граѓани, каде и да живеат“. Најголемиот дел од жителите на Јужна Осетија имаат руски пасош. Претходно Советот на федерацијата се изјасни за ангажман на руски трупи на страна на Јужна Осетија.

Јужна Осетија е де факто независна откако во 1990-та се отцепи од Грузија. Два пати - во 1992-ра и 2006-та година жителите се изјаснија за независност од Грузија. Но, референдумите не се меѓународно признаени. Грузија има сличен проблем и со регионот Абхазија, кој веднаш и’ понуди воена помош на Јужна Осетија. Обата региона побараа меѓународно призната независност според примерот на Косово.


Меѓународни апели за прекин на борбите


Советот за безбедност на ОН на вонредна седница побарана од Русија не успеа да постигне согласност околу заедничка изјава и само искажа загриженост поради ескалацијата на Конфликтот. ЕУ е „многу вознемирена“ поради „драматичниот развој“ на ситуацијата, во контакт е со сите страни во конфликтот и апелира до нив за неодложно запирање на насилствата и за барање решение преку преговори. Тоа го побараа и германскиот канцелар Ангела Меркел, американската влада, НАТО, Советот на Европа и ОБСЕ. Германското министерство за надворешни работи советува да не се патува во Јужна Осетија и Абхазија, како ни во нивната околина. Меѓународниот црвен крст побара воспоставување коридор за спасување на ранетите во конфликтот.


►◄