1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Војната во Ирак создаде јаз меѓу Европа и САД

Војната ги доведе на најниска точка односите на ЕУ со САД во 8-те години на Џорџ Буш како американски претседател. Уследија напори за воспоставување нормалност и согледување дека соработката е од обостран интерес.

default

Џорџ Буш во посета на американските војници во Ирак

Во септември 2001-ва, неполни осум месеци откако Џорџ Буш е на претседателската функција, терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон ја ставија Америка пред една од најтешките проби за повеќе децении. „Секоја нација и секој регион сега мора да се реши: или сте со нас, или со терористите“, рече тогаш Буш. Таа поделба на пријатели и непријатели со години и’ даваше тон на американската надворешна политика, па и на односите со ЕУ.

Во спорот околу војната во Ирак во 2003-та година настана длабок јаз помеѓу САД и важните европски партнери, но и внатре во ЕУ. На почетокоt на 2003-та година тогашниот германски канцелар Герхард Шредер рече: „Поделбата на Европа не е резултат на мојата политика. Знаете дека по прашањето на Ирак 15-те европски министри за надворешни работи, меѓу нив и нашиот, договорија заедничка европска политика. Тоа мора да биде доведено в ред. Инаку, ова покажува и дека ние уште сме на почетокот на една заедничка европска надворешна политика“. Шредер и францускиот претседател Жак Ширак не се партиско-политички и лично блиски, но во ирачкото прашање најдоа заедничка линија против Буш. „Во овој контекст ние не гледаме никаква основа за да ја промениме нашата логика, и од логика на мирот да ја претвориме во логика на војната“, рече Ширак.

Настаните во Ирак го дискредитираа Буш во очите на Европејците

Спорот во НАТО уште повеќе го продлабочи американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд: „Кога е Европа во прашање, вие мислите на Германија и Франција - јас не. Сметам дека е тоа стара Европа. Ако денес го набљудувате севкупниот европски дел од НАТО, гравитациониот центар се поместува кон исток“.

Flaggen USA und EU

Повик за заедништво: САД и ЕУ

Во Ирак никогаш не беше пронајдено наводното оружје за масовно уништување. Кога во 2004-та се појавија видео-снимките од тортурите во затворот за заробеници Абу Гариб, се чинеше дека е Буш целосно дискредитиран во Европа. Но, токму најниската точка во односите го исфрли на површина и старото сознание: „Ни Соединетите Држави, ниту Европа, сами не можат да ги совладаат глобалните задачи; затоа, да зборуваме меѓу себе, оти споделуваме исти вредности“ - рече на почетокот на 2005-та претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо.

Веќе во февруари истата година, на почетокот до вториот претседателски мандат, Џорџ Буш го посети седиштето на ЕУ во Брисел. „Америка подржува силна Европа, оти ни е потребен силен партнер во тешката задача за унапредување на слободата и мирот во светот“, рече тогаш Буш. Јасниот гест на помирување доби аплауз од официјална страна. Но, Буш со тоа ни оддалеку не го придоби европското население.

Американците се сега порасположени за соработка

Во меѓувреме, ни Буш, ниту Ирак, веќе не се голема тема во Европа. Есенва вниманието овде е насочено кон финансиската криза и кон наследникот на Буш. Кога би можеле да избираат, кого Европејците повеќе би го сакале - Барак Обама или Џон Меккејн?

Kombo Wahlen USA John McCain und Barak Obama

Џон Меккејн и Барак Обама, дали некој од нив Европа ќе го сака повеќе

„Мислам дека и кај населението, како и меѓу политичарите, може да се забележи оти попозитивно се прима Обама. При посетата на Берлин, на пример, се виде дека населението е подготвено да му се придружи на ентузијазмот што го има во Америка“, вели Фабијан Цулеег од Центарот за европска политика, независен тинк-тенк центар од Брисел.

Буш има ја олесни работата на своите критичари и беше особено подобен како терен за проектирање на антиамерикански чувства. Фабија Цулеег верува дека на Европејците нема да им биде безусловно полесно со идниот американски претседател: „Обама или Меккејн, сеедно, мислам дека во секој случај ќе биде тешко. Во економската и надворешната политика се’ уште има големи разлики“. Цулеег смета дека врз Европејците ќе има уште поголем притисок за позасилен ангажман во Авганистан, но и дека предност на Обама или Меккејн е што кај Американците има поголема волја за соработка.