1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Војаџер 1“ од онаа страна на Сончевиот систем

Конечно е надвор! Научниците на НАСА слават, тие се сигурни дека вселенската сонда го напуштила Сончевиот систем. Со тоа „Војаџер 1“ е објект кој се наоѓа на најголема оддалеченост од Земјата воопшто досега.

Границата на Сончевиот систем, таканаречената Хелиопауза, е на оддалеченост од 18 милијарди километри. Таа се дефинира како место на кое константниот сноп честички на Сонцето е стопиран од меѓуѕвездената материја која продира однадвор.

Сондата „Војаџер 1“ ја достигна таа граница, соопшти американскиот тим научници на универзитетот Ајова, предводени од Доналд Гарнет. „Сега, со оглед на тоа што имаме нови клучни податоци, веруваме дека е тоа историски чекор за човештвото во меѓуѕвездениот простор“, изјави Едвард Стоун, научник во НАСА кој работи на проектот „Војаџер“.

Претходно, неколку пати беше претпоставувано дека сондата стигнала до крајот на Сончевиот систем, но НАСА тоа не го имаше потврдено. Според тимот на „Војаџер“ морало прво да се направат нови анализи. Сега се вели дека „Војаџер 1“ најверојатно го напуштил Сончевиот систем во август 2012 година.

„Војаџер 1“ стартуваше на 5 септември 1977 година. НАСА ја опреми сондата со, во тоа време, најмодерна техника - камери, сензори, детектори и компјутер со мемориски капацитет од 68 килобајти. Беше планирано сондата, заедно со „Војаџер 2“, која стартуваше две недели претходно, пет години да летаат низ вселената и да собираат податоци за планетите Јупитер и Сатурн и нивните месечини. Но, со оглед на тоа што сондите лиферуваа и натаму информации, нивниот лет беше постојано продолжуван.

„Војаџер 1“ сега лета со брзина од 60.000 километри на час. Поради енормната оддалеченост сигналите што таа ги праќа стигнуваат на Земјата по цели 17 часа. Нешто побавната сонда „Војаџер 2“ е оддалечена од Земјата околу 15 милијарди километри. Според пресметките, „Војаџер 1“ би можел да лиферува информации до 2025 година, а потоа изворот на енергија би бил исцрпен. Потоа би можела да се движи низ вселената без мотор. Пресметките на рутата на сондата велат дека таа дури за нешто повеќе од 38.000 години би стигнала до наредната фиксна ѕвезда, односно слабо светлечко сонце со каталошки број AC+79 3888 во соѕвездието Мала мечка. За случај некој на таа ѕвезда да ја сретне сондата, „Војаџер 1“, таа, исто како и „Војаџер 2“, има бакарна плоча, прелиена со злато, со наслов „Гласовите на Земјата“. Во сондата има и грамофон со упатство за употреба.