1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Востоличен новиот патријарх на коптите

Тавадрос Втори е новиот патријарх на коптските христијани. Тој беше востоличен на церемонија во главниот град на Египет, Каиро.

60-годишниот, Тавадрос Втори, беше востоличен за патријарх на Александрија и на цела Африка на свечената церемонија во Катедралата Свети Марко во Каиро на која присуствуваше и египетскиот премиер Хишам Кандил. Тавадрос Втори е 118. патријарх на коптската православна црква и го наследува долгогодишниот патријарх Шенида Трети кој почина во март годинава на возраст од 88 години. Коптската православна црква е една од најстарите христијански цркви во светот. Според преданието, таа е основана од страна на Апостол Марко кој се смета за нејзиниот прв патријарх. Во моментов, коптите се најбројната христијанска група на Блискиот Исток, а огромното мнозинство на коптите живеат во Египет. Во моментов, според официјалните податоци, бројот на коптите во Египет изнесува околу 10 милиони. Коптите, пак, тврдат дека во земјата има речиси 17 милиони христијани, или околу 20 отсто од вкупно 85-милионското население на Египет. Инаку во текот на вчерашниот ден коптската православна црква официјално го најави излегувањето на своите претставници од Уставната комисија на Египет, во која се подготвува новиот основен закон на земјата

Причината за повлекувањето на претставниците на коптите од Уставната комисија е несоодветноста на новиот устав со интересите на сите сегменти од египетското општество.

Главните барања на египетските христијани се главно поврзани со фактот дека во еден од членовите од нацрт-законот се наведува дека сите Египќани мора да ги следат правните стандарди пропишани во муслиманската света книга, коранот.

Коптската патријаршија соопшти дека е решително против обидите со кои „ Египет се претвора во земја со само една религиозна доктрина.