1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Лицата на Германија

Воспитувачката Сабине Глинке од Хановер

Ако ја прашате Сабине Глинке од Хановер колку деца има, ќе добиете спонтан одговор: 15! Најмладото има осум месеци, најстарото три години. Сабине Глинке е воспитувачка.

default

Уште на влезот во станот на семејството Глинке, на влезната врата, посетителите ги пречекува детски цртеж како поздрав за добредојде. Внатре љубопитно чекаат четворицата Глинке: 30-годишната Сабине, нејзиниот две години постар сопруг Денис и тригодишните близнаци Леа и Герит. Веднаш се забележува дека кај Сабине Глинке е типична нејзината насмевка. Таа се смее веќе во 6 часот наутро, кога денот и‘ започнува со подготовки за семејниот појадок. Набргу се будат и децата. Подоцна, таткото со автомобил ги вози близнаците во градинка. Сабине Глинке оди на работа со автобус и трамвај. „Одењето на работа со автомобил е еден вид луксуз“, вели таа.

Од помошничка на адвокат до воспитувачка

Gesichter Deutschlands Porträt SaGlP1

Сабине Глинке апсолвирала едногодишна пракса во градинка

Сабине Глинке е родена во Билефелд. Прво сакала да работи како помошничка во адвокатска канцеларија. Но, по праксата во адвокатска канцеларија, и‘ станало јасно дека тоа не е вистинската професија за неа. „Го земав весникот и гледав која професија би ме интересирала. Најдов еден оглас, каде се нудеше стручно образование за воспитувачка.“

Глинке апсолвирала едногодишна пракса во градинка. Потоа, три години одела во стручно училиште, а имала и едногодишна пракса, во текот на која собрала нови искуства.

Љубов онлајн

По свадбата пред четири години, Сабине Глинке се преселила во Хановер. Својот сопруг го запознала преку интернет. „Најпрво се допишувавме на чет една година. Потоа се слушнавме по телефон и првпат се сретнавме.

Gesichter Deutschlands Porträt SaGlP3

Сабине е трпелива со децата

Следеа уште средби и најпосле се венчавме.“

Сабине Глинке порано радо танцувала, но веќе нема време за тоа. Нејзините хобија сега се децата и работата. Животното мото на Сабине гласи: „Секогаш размислувај позитивно, оти само така може се‘ да функционира“. Среќата, според неа, значи: „Среќно семејство, работа и малку стрес.“ Таа е трпелива со децата. Во истовреме Глинке им покажува каде е границата: „Јас сум за нив пример. Не можам да им бидам пријателка, туку за нив мора да бидам авторитет. За моите деца исто така не сум пријателка. Јас сум пријателски настроена, но пријатели се други.“

Како мајка на близнаци, Сабине Глинке после работа речиси не би можела сама да ја совлада работата во домаќинството. Затоа знае да го цени тоа што сопругот и‘ е од голема помош, се разбира кога има време. „Тој готви подобро. Поради тоа радо му ја препуштам кујната, пред се‘ во ситуации кога треба да се подготви јадење, како што е на пример гулаш“, вели Глинке и се смее.

Родителите ги воспитуваат нивните деца

Gesichter Deutschlands Porträt SaGlP4

Како воспитувачка им помага на родителите заедно да ги изведат децата на добар пат

Сабине Глинке вели дека како воспитувачка им помага на родителите заедно да ги изведат децата на добар пат. Често тоа не им успева дома или во случаите кога се вработени. Во 18 часот завршува нејзиното работно време. Тогаш е време за сопственото семејство. Леа и Герит веќе чекаат, сакаат да си поиграат уште малку пред да одат на спиење. Се разбира, како и секогаш, сакаат да им се раскаже приказна за добра ноќ. Потоа на Сабине и‘ останува уште малку време за гледање телевизија. Таа си легнува во 22:00 часот, оти утре ја чека нов работен ден. Добро е што Сабине Глинке е „утрински човек“.

Автор: Мехмед Смајиќ / Јасна Мушиќ-Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

WWW-линкови