1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Воодушевување поради Нобеловата награда за литература

Херта Милер е новото име во германската литература кое застана во редот на славните автори Гинтер Грас, Хајнрих Бел, Херман Хесе или Томас Ман - сите носители на Нобеловата награда за литература.

default

Херта Милер е авторка која се развива 30 години

Претставниците на политиката и културата во Германија реагираа со воодушевување на доделувањето на Нобеловата награда за литература на германската авторка Херта Милер, родена во Романија. Канцеларката Ангела Меркел во Берлин изјави дека делото на оваа авторка се храни од нејзиното искуство „кое зборува за диктатура, угнетување, стравови, но и неверојатна храброст“. Сојузниот претседател Хорст Келер во неговото писмо со честитики истакна дека е среќна судбина, што највисокото признание, кое може да го добие еден писател, Херта Милер го доби токму годинава кога се потсетува на крајот на диктатурите во Источна Европа.

Писателот Ернст Вихнер, исто така Германец, кој е роден во Романија и е актуелен раководител на Домот на литературата во Берлин, на прашањето дали оваа Нобелова награда му се спротивставувa на впечатокот дека наградата секогаш се доделува според политички критериуми, подвлекува: „За мене да, бидејќи квалитетот на нејзините текстови најпрвин е естетски. Судбина има секој човек, исто и трагични и страшни ситуации во животот, но речиси никој не успева со таква настојчивост, доживеаното да го преведе во изненадувачки, туѓи и слики кои оставаат впечаток дека се туѓи. Тоа нејзе и‘ успева и тоа со секоја книга се ’ повеќе. Таа е авторка која се развива 30 години.“

Автор: Силке Бартлик / Андреа Лук / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска