1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вонредна состојба во Србија поради снегот

Властите во одделни региони во Србија прогласија вонредна состојба поради временска непогода. Границите кон Романија, Хрватска и Унгарија се затворени за товарни возила поради проблемите со големите снежни наноси.

Во Војводина е целосно забранет сообраќајот за тешки товарни возила, а истата мерка важи и за граничните премини кон Романија, Хрватска и Унгарија. За расчистување на главната сообраќајница која води од Белград кон Банат се употребени булдожери, откако беа блокирани и завеани над сто возила.

Припадници на српската полиција успеаја да ги евакуираат и стотината патници кои се наоѓаа во двата воза кои утринава останаа завеани на пругата во близина на градот Врбас во Војводина.

Како што претходно соопшти прес-центарот на претпријатието „Железници на Србија“, поради високите снежни наноси двата меѓународни воза останале заглавени меѓу местата Врбас и Змајево на пругата Белград-Нови Сад-Суботица.

Едниот воз ноќеска на полноќ тргнал од Белград кон Будимпешта, а другиот утрово во 4:00 часот се упатил во обратна насока. Сообраќајот на оваа пруга и натаму е во прекин. Претпладнево и препријатието „Патишта на Србија“ инфомира дека поради невремето и снежните наноси, кои на места достигнуваат и до 3,5 метри, затворен за сообраќај, покрај преминот „Хоргош“ на српско-унгарската граница, е и патниот правец Суботица-Нови Сад.

Ноќеска во Србија била регистрирана брзина на ветрот од над сто километри на час. Бродскиот сообраќај на Дунав е во прекин.

Во Романија, пак, од последици на студот досега починале 13 лица, првенствено стари и бездомници. Температурите се спуштија до 18 степени под нулата. Стотици романски војници деновиве беа ангажирани во расчистувањето на улиците од снегот.