1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вонредната состојба во Египет продолжена за уште два месеца

Египет ја продолжи вонредната состојба за уште два месеца откако воените власти изразија загриженост поради растечкото насилство. Повеќе функционери од времето на Мубарак се ослободени од обвинението.

Привремената влада, поддржана од војската во Египет, прогласи вонредна состојба за еден месец на 14 август. Вчера (12.09.2013) ја продолжи наредбата, која ја покрива целата земја, до средината на ноември. Од канцеларијата на претседателот кажаа дека одлуката е донесена поради безбедносната состојба.

Одлуката донесе брз одговор од администрацијата на Соединетите Американски Држави: „Ние остануваме спротивставени на вонредната состојба и ја повикуваме привремената влада да ја прекине веднаш“, изјави заменикот портпарол на Стејт Департментот, Мари Харф.

„Привремената влада и војската мора да се погрижи за тоа на сите граѓани обвинети од полицијата или војската да им биде судено само во граѓански судови“, додаде Харф.

Хамас обвинет

Вчера националната телевизија во Египет го обвини палестинскиот Хамас за тренирање египетски исламисти за извршување бомбашки напади. Хамас и Муслиманското братство, поддржувачи на соборениот претседател Мохамед Мурси, се сојузници.

„Безбедносните власти знаат дека военото крило од движењето на Хамас тренираше луѓе да извршат бомбашки напади со автомобили и да прават експлозиви“, изјави презентер на националната телевизија.

„Военото крило од движењето на Хамас им предаде на одредени салафистички џихадисти и на други верски секти 400 нагазни мини. Безбедносните сили го документираа ова и тие ќе бидат уапсени“, додаде тој.

Фавзи Бархоум, портпарол на исламистичката група која го контролира појасот Газа, за извештајот вели: „Ова не е точно“. Тој тврди дека ова е „обид да се демонизира Хамас“.

Владата во Египет ја зголеми контролата на преминувањата од полуостровот Синај во Газа. Групата со седиште во Синај, Ансар Бајт ал-Макдис, ја прифати одговорноста за минатонеделниот напад на бомбаш-самоубиец наменет за министерот за внатрешни работи Мохамед Ибрахим. Друга група наречена Јунд Ал Ислам (Војниците на исламот) изјавија на Фејсбук дека ја преземаат одговорноста за двата напада врз египетската армија, вклучувајќи ја и бомбата која експлодирала во разузнавачката агенција во Синај, во средата (11.09), убивајќи четворица луѓе.

Функционерите од ерата на Мубарак ослободени

Египетскиот суд вчера (12.09) ги ослободи сите 14 обвинети, вклучувајќи и полицајци, обвинети за убиство на 17 демонстранти за време на најкрвавиот ден, кога беше соборен поранешниот претседател Хосни Мубарак пред две години, рекоа извори од судот. Овој случај е последен во серијата случаи кога функционери на Мубарак се ослободени или им се дадени лесни казни.