1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Волф Ошлис одликуван за „Пријател на Македонија“

Германскиот македонист и славист Волф Ошлис доби признание „Пријател на Република Македонија“ за неговата поддршка за промоција и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Признанието денеска (16.08.2012) му го врачи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која лично му се заблагодари за неговите заложби.

Ошлис е автор на преводот на „За македонските работи“ од македонски на германски јазик, објавен од „Македоника литера“, во кој има напишано и обемен предговор-студија за Македонија. Германскиот е шести јазик на кој е преведно капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, покрај англиски, руски, чешки, грчки и француски јазик. Ошлис е автор или коавтор на други книги на македонски јазик, меѓу кои и на штотуку објавената „ГерМакедонија“ посветена на заемните македонско-германски врски. Автор е и на издание од 30-ина страници во кое ја опишува Македонија од сите аспекти. Превел и голем број дела од македонската литература на германски јазик.

„Професорот Ошлис е еден од најголемите пријатели на нашата држава во светот, промотор на македонскиот јазик и на македонската држава. Тој е автор и коавтор на многу дела преку кои се промовира научната вистина за Македонија, македонскиот јазик и државност во светот. Автор е и на првиот учебник по македонски јазик објавен надвор од границите на поранешна Југославија. Ангажманот и поддршката на Ошлис и на останатите научници-лингвисти, чиј интерес се темите кои се во самата срж на македонскиот идентитет, се од особено значење за Република Македонија. Тие се македонски амбасадори во светот“, истакна министерката Канческа-Милевска на средбата со Ошлис во Министерството за култура.

„Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател во Македонија. Јас сум тоа од 1975. година до денес, најчесто како гостин на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, но и за други поводи. Како македонист во Германија, мора да бидеш новинар и сестран истражувач. Сега сум пензиониран, но уште имам сила, енергија и прилики да пишувам и да објавувам. Значи, ќе останеме во контакт јас и мојата Македонија“, истакна Ошлис по примањето на признанието.

Нове Цветановски од „Македоника литера“, издавачот што ги објави „За македонските работи“ на германски и „ГерМакедонија“, рече дека Ошлис е меѓу најактивните македонисти и афирматори на македонската кауза и вистина во светот и еден од најголемите македонски пријатели.

Wolf Oschlies

Ошлис, чест учесник на Семинарот за македонски јазик во Охрид, архива

„Книгата на Мисирков тешко се преведува и не е објавена на многу јазици токму поради спецификата. Тоа го може само човек кој добро ги познава двата јазика и културната историја на Република Македонија, како и историскиот контекст кога е создавана таа книга.... Ошлис е и голем македонски патриот. Еден е од ретките кој се бореше за вистината за името на Македонија и, меѓу другото, има одржано прес-конференција во седиштето на Европската унија во Брисел за признавањето на Република Македонија под уставното име“, рече Цветановски.

Волф Ошлис (1941) е македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Работел во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн и на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа. Континуирано објавува статии посветени на Македонија. Почесен доктор на науки е на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добитник на годинашната награда „Духовен воин“, што ја доделува меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“ и ќе биде почесен гостин на претстојните Струшки вечери на поезијата.