1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Волфсбург запрен, првенството се’ подраматично

46-тото првенство на фудбалската Бундеслига ќе има драматична завршница. Четири екипи се во борба за титулата, една практично се прости од прволгашкото друштво, но четири други се борат да избегнат таква судбина.

default

Tриесет и првото коло донесе натамошен заплет. Водечкиот Волфсбург доживеа хаварија во дербито, а Штутгарт по убедливата победа од 4 спрема 1 му го отвори патот кон титулата на Бајерн Минхен, но се приклучи и самиот меѓу екипите што имат реални надежи за освојување на титулата.

„Ако се имаат предвид и шансите што не ги искористивме, мислам дека победата е заслужена. Но, сега треба во ист стил да продолжиме и в среда, да играме така што на крајот од првенството веќе никој нема да не‘ премине“.

Маркус Бабел, тренер на Штутгарт, зборува како да ќе биде задоволен со четвртото место, на кое сега се наоѓа неговиот тим. Но, екипата во 14 кола од пролетниот дел освои 33 бодови, наспроти 25 во сите 17 есенски средби, демонстрира голем потенцијал и веројатно ова не е нејзиниот последен збор. Уште повеќе, што Марио Гомес, кој во репрезентативниот дрес многу тешко постигнува голови, во Штутгарт го прави тоа со невидена леснотија. По четирите погодоци против лидерот Волфсбург, првиот по само 31 секунда од почетокот на натпреварот, Гомес го стигна на листата на стрелците Бразилецот Графич и сега водат во тандем со по 23 погодоци. Волфсбург остана на првото место со 60 бодови само поради подобра гол-разлика од Бајерн, и тоа за два гола.

„Се разбира дека дербито поинаку си го замислувавме. Но, натпреварот започна неповолно за нас, а Штутгарт не е кој било; кај втората најуспешна екипа во пролетниот дел од првенството која ќе демонстрира таква супериорност, може и да се загуби“, прокоментира Феликс Магат, кој се обидува да го доведе Волфсбург до титулата пред, во наредната сезона, да се зафати со новата задача како тренер и менаџер на Шалке.

Fußball Bundesliga: VfB Stuttgart - VfL Wolfsburg

Од натпреварот Штутгарт - Волфсбург

Важна победа за Бајерн

Бајерн како гостин забележа сигурна победа на тешкото гостување кај Енерги во Котбус, кој се бори за опстанок, и сега се изедначи со Волфсбург - обете екипи имаат по 60 бодови.

„Ако се погледа состојбата на табелата, мора да се каже дека денешната победа беше извонредно важна. Мислам дека денеска повторно видовме еден самоуверен Бајерн и мислам дека тимот има уште поголем потенцијал“, вели преодниот тренер Јуп Хајнкес, кому победата му дојде и како честитка за 64 роденден.

На само еден бод зад водечкото дуо е Херта по победата над Бохум со 2 спрема 0. Во Берлин веќе 78 години сонуваат за титулата. Но, Херта два пати гостува во преостанатите три кола, токму како и Штутгарт, додека Волфсбург и Бајерн два пати играат дома, а имаат само по едно гостување. За да биде драмата комплетна, во последното коло Бајерн го пречекува Штутгарт.

На петтото и шестото место, со по 55 бодови, се Борусија Дортмунд и Хамбургер. Борусија ги развеа и последните надежи на Карлсруер и го испрати со 4 голови во мрежата. Сега, по седмата последовна победа, има реални шанси да се избори за настап на европската сцена во наредната сезона. Хамбургер, пак, може да биде најголемиот трагичар на првенството: испадна од трката за титулата, испадна од борбата за Купот на Германија,

Fußball Bundesliga: Mönchengladbach - Schalke

Карим Матмур и Марко Марин (Борусија Менхенгладбах) во борба за топка со Кристијан Пандер (Шалке 04)

елиминиран е и во Купот на УЕФА. По поразот во првенствениот дуел од Вердер во Бремен со 2 спрема 0, четврти меѓусебен дуел последните недели во рамките на трите споменати натпреварувања, сега е на пат да ја загуби и битката за учество во Купот на УЕФА во наредната сезона. Тренерот Мартин Јол, сепак, е голем оптимист: „Уште можеме да стигнеме до Лигата на шампионите. Мислам дека е тоа доволна мотивација“.

Јол, инаку, има забелешки само за слабата завршница на нападите на својот тим.

Борусија со реални шанси за опстанок

На седмо место на табелата е Шалке со 49 бодови, шест помалку од Хамбургер. Во Менхенгладбах, Шалке во првото полувреме беше подобар тим од домаќинот Борусија, но сепак на крајот е поразен со гол во последната минута.

„Првото полувреме сосем јасно му припадна на Шалке. Ако ние воопшто смееме да зборуваме за заслужена победа, тогаш ја заслуживме со ангажирана игра во второто полувреме и особено во завршната фаза“, оцени тренерот на Борусија, Ханс Мајер. Сега неговата екипа барем ги одржа реални шансите за опстанок во лигата.

Fußball Bundesliga: Bremen - Hamburg

Од натпреварот Вердер Бремен - Хамбургер

„Кој се обложува на Борусија Менхенгладбах, во секој случај е во право“, самоуверено вели Мајер.

На дното, Карлсруер со 23 бодови има повеќе теориски, отколку реални шанси за спас. Енерги, Арминија и Борусија Менхенгладбах имаат по 27, Бохум со 28 бодови ја заокружува четворката, од која еден ќе му се придружи на Карлсруер, а еден ќе добие шанса да остане меѓу прволигашите, во дуел со третопласираниот од Втората лига.

Бодот што го донесе Ајнтрахт Франкфурт од гостувањето во Хановер, по нерешениот резултат од 1 спрема 1, практично му го обезбеди и опстанокот, оти сега има 5 бодови повеќе од Бохум. Безгрижната сердина на табелата ја сочинуваат Хофенхајм на деветтото место со 48 бодови, кој во ова коло го совлада Келн со 2 спрема 0 и со тоа ја смири атмосферата во клубот и по подолго време ги зарадува и навивачите, потоа Бајер на деветтото место со 46 бодови, откако дома не успеа да победи против Арминија, која во борбата за опстанок можеше да постигне и повеќе од нерешениот резултат 2 спрема 2, тој имаше и водство. Вердер е десетти со 42 бода, Хановер на 11 место има 36, а Келн зад него 35.

Средбите од наредното коло се играат веќе утре и задутре, посебно внимание предизвикуват дуелите Волфсбург - Борусија Дортмунд, Шалке - Штутгарт и Енерги - Борусија Менхенгладбах. Претпоследното е на програмата в сабота.

Автор: Бенјамин Вист / Кале Копс / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска