1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Волерс: Горди сме на Македонија како сојузник

Американскиот амбасадор во Скопје Пол Волерс по повод 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Македонија истакна дека пријателството и партнерството се силни и покрај многу случувања.

САД и Република Македонија воспоставија дипломатски односи пред точно 20 години. Во изминатиот период се случија многу работи, но пријателството и партнерството меѓу двете земји останаа силни. Од првиот ден до денес нашата мисија не е промената. Со гордост ја нарекуваме Македонија наш пријател и сојузник и сакаме да видиме како оваа извонредна земја го остварува својот потенцијал како силна динамична и просперитетна демократија целосно интегрирана во евроатлантската заедница. Ова го истакна синоќа амбасадорот на САД Пол Волерс во обраќањето на свеченоста во Американската амбасада во Скопје по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоствувањето на дипломатските односи меѓу Соединетите Држави и Република Македонија.

Во присуство на претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски, министри во Владата, актуелни и поранешни пратеници, претставници на политичките партии, на интелектуалната и бизнис елита, на судството, на верските заедници... тој потсети на скромните почетоци во 1993-та година и низата постигнувања и активности реализирани во билатералните односи во изминатите две децении, кои симболично беа прикажани низ избор од 20 фотографии.

„Разгледувајќи ги фотографиите ќе видите дека врските помеѓу нашите две држави се подеднакво и разновидни и цврсти. Ќе видите дека постои взаемна поддршка за одбранбените приоритети на нашите земји. Дури и во овој момент војниците на нашите земји стојат рамо до рамо во Авганистан. Ние го поддржуваме напредокот на Македонија во области како зајакнување на спроведување на законот, земјоделството, образованието, граѓанското општетство и во многу други области. За таа цел во изминатите 20 години Соединетите Држави имаат обезбедено повеќе од милијарда американски долари како помош за Македонија“, посочи меѓу другото амбасадорот Волерс.

Тој се осврна и на иднината на релациите меѓу САД и Македонија.

„Ние гледаме на иднината како партнери и замислуваме каде сакаме да бидеме и што може да постигнеме заедно. Нашето партнерство денес е динамично, енергично и свртено кон иднината и јас немам никаква дилема дека тоа ќе потрае уште многу години. Исто како што сме биле заедно во минатото и како што сме заедно денес, така ќе останеме заедно и во иднината“, порача американскиот амбасадор.

САД отворија канцеларија за врски во Скопје на 3. декември 1993. година, а првиот шеф на мисијата амбасадорот Виктор Комрас формално почна со работа во април 1994. година. Формални дипломатски односи беа воспоставени во 1995. година кога Канцеларијата за врски достигна целосен статус на Амбасада, а прв амбасадор беше Кристофер Хил. Во 2004-та САД официјално ја признаа РМ под уставното име.