1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Волгоград: Напад на „црните вдовици“?

Во бомбашкиот напад на железничката станица во Волгоград има голем број жртви и повредени. Истражните органи претпоставуваат дека зад нападот стојат „црните вдовици“.

Бомбата експлодираше напладне по локално време во халата на железничката станица во милионската метропола Волгогорад. Според првичните сознанија на истражните органи атентаторка самоубиец го активирала експлозивот на влезот на станицата, во близина на безбедносните контроли.

За бројот на жртвите од нападот има различни податоци. Според државните истражители во нападот загинале најмалку 14 лица, додека повеќе од 50 биле повредени.

Дело на „црна вдовица“?

Големата детонација уништи прозорци на двата горни ката на зградата на железничката станица. Детонацијата најверојано била предизвикана од жена, која на своето тело носела експлозив.

Изминатиот октомври атентаторка-самоубиец се дигна во воздух во еден автобус во Волгоград, при што загинаа шест патници. Руските органи на безбедноста за атентатите, кои ги изведуваат жени, честопати се сомневаат во т.н. „црни вдовици“. Со овој израз се означуваат жените на бунтовниците убиени во борба со силите за безбедност, чија смрт жените сакаат да ја одмаздат со напади.

Борба против Олимпијадата

Волгоград, поранешен Сталинград, се наоѓа на околу 700 километри од Сочи, каде ќе се одржат Зимските олимписки игри. Чеченскиот исламистички лидер Доку Умаров повика на извршување напади со цел попречување на ЗОИ. Кремљ вети строги безбедносни мерки и безбедни Олимписки игри. Оваа манифестација, која чини 36 милијарди евра е престижен проект на претседателот Владимир Путин. Тој лично гарантираше за безбедноста на туристите и спортистите на Игрите на Црното Море.

По последниот напад во Волгоград Путин нареди безбедносните сили да ги применат „сите неопходни мерки“, за да ја гарантираат безбедноста на железничките станици и аеродромите во земјата.