1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Воини на коњи

Атина и Скопје повторно се караат за Македонија, но за која? Со ова потпрашање во поднасловот на текстот „Воини на коњи“ весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се навраќа на спорот околу името.

Во подолгата анализа на авторот Михаел Мартенс прво се набројуваат актуелните случувања во меѓусоседските препирки, како извиците со кои се дочекувале македонски туристи од наводни членови на „Златна зора“, од типот „Македонија е грчка“ или, како што се тврди во Скопје, испишувањето на македонски автомобили во Грција со националистички пароли. Потсетувајќи на ставовите на Грција во спорот со името и барањето за преименување на соседот, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) оценува: „Спорот околу името е една од најважните политички сфери во кои Грција се‘ уште може да демонстрира сила и Владата тоа го користи. Македонија против грчките понижувања, во меѓувреме, се брани со слично ирационални средства“, оценува весникот, притоа наведувајќи го проектот „Скопје 2014“ и парите потрошени за него.

„Заедничко за сите градби е што се дел од еден проект на самопотврдување на македонската нација. Македонија се однесува како да е моќна држава, чиј народ со векови има цврсто утврден идентитет. Тоа е на минатото потпрена одбранбена реакција на грчкото и делумно на бугарското негирање на егзистенцијата на македонска нација.“

Според ФАЦ, спорот од почеток бил ирационален. Посетувајќи на Балканските војни, весникот наведува: „Тогаш, како што се вели во многу книги и текстови, нешто повеќе од половината од истрискиот регион Македонија и‘ припаднала на Грција, околу 40 проценти на Србија, а остатокот на Бугарија. Но веќе самото вакво тврдење има несигурна подлога, зашто во Османлиското царство немало провинција Македонија. Што би можела да биде основата за пресметување на формулата на поделба? Германско-турскиот историчар Фикрет Аданир, кој до неодамна предаваше на истанбулскиот универзитет Шабанчи, потсетува дека европските територии на Турција во 19. век биле поделени според францускиот систем на департмани во редица вилаети. Воениот плен што во 1912/13 година го поделиле Белград, Софија и Атина опфаќал три вилети во Османлиското царство Ускуб (Скопје), Монастир (Битола) и Селаник (Солун). Никој во Истанбул за тоа не го користел името ’Македонија’ , а и словенското население во регионот не се дефинирало во целост како македонско. Грчките националисти, освен тоа, велат дека во најдобар случај регионот меѓу денешните северномакедонски (од грчка перспектива, н.з.) градови Битола и Охрид бил дел од некогашната античка македонска држава, но не и големиот дел на територијата на поранешната југословенска република, поради што Македонија денес не смеела да се нарекува Македонија. Кој на словенските Македонци, повикувајќи се на ваква аргументација, сака да им забрани да се чувствуваат како Македонци, би можел исто толку како доказ да го земе неолитот за да аргуменитра ’за’ или ’против’ нешто.“

На крајот на текстот, авторот заклучува:

„Добрата вест е што многумина Македонци, барем за време на одмори, очигледно не дозволуваат да бидат заразени од ваквата фуриозност. Грција за нив останува најпопуларна дестинација за одмор. Македонските туристи ги сакат грчките плажи, зашто нивната татковина нема излез на море, а грчките хотелиери ги сакаат парите на Македонците, зашто нивната татковина нема пристап до кредити“, се вели во текстот на ФАЦ со наслов „Воини на коњи“.

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ се занимава со мировната формула на ЕУ, која на Балканот функционира. Во текстот со наслов „ЕУ на пат кон вистинска надворешна политика“, меѓу другото се вели:

„Мирот на Балканот не е резултат само на привлечната сила на ЕУ. Тоа што ЕУ можеше да дејствува во насока на мир се должи и на ангажманот на американската воена сила. Дури бомбардирањето на Србија, кое во Европа беше многу спорно, создаде основа за тоа Србија да го прифати отцепувањето на Косово. Исто како во Западна Европа по Втората светска војна, присуството на американската војска на Балканот создаде рамка за мирно асоцирање на Европејците: без американската ’хард пауер’ не беше можна европската ’софт пауер’... Балканската формула меѓутоа не може да се примени во земјите кои се во далечната европска периферија. Ако ЕУ сака да постигне помирување меѓу Ерменија и Азарбејџан, или меѓу Грузија и Абхазија, или ако сака да придонесе за смирување на Блискиот исток или Северна Африка, тогаш инструментот - приклучување кон ЕУ не и‘ стои на располагање. Во многу земји членки на ЕУ проширувањето е непопуларна тема, за многумина границата е достигната или одамна пречекорена... Ако ЕУ сака во иднина да дејствува успешно во далечното соседство, не може веќе да се потпира на атрактивноиста на понудата за приклучување. Таа мора да развие нови, оригинални надворешнополитички инструменти“, оценува аналитичарот и публицист Улрих Шпек во „Ноје цирхер цајтунг“.

„Ди пресе“ денеска ги анализира состојбите со издавањето визи и влијанието на визниот режим врз туризмот во ЕУ, па заклучува:

„Меѓународната конкуренција се заострува постојано, со оглед на тоа што се‘ повеќе земји се потпираат врз туризмот како инструмент за поттик на порастот и благосостојбата. Ако се сака целосно исцрпување на огромниот потенцијал на ЕУ како туристичка цел, неизбежно е да се пристапи кон поедноставување на простапките за издавање визи.“