1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Возењето „зелено“ е во мода

Во Детроит е отворен еден од најважните саеми на автомобили во светот. По турбулентната година во која гигантите како „ЏиЕм“ и „Крајслер“ прогласија стечај, на саемот се’ се врти околу автомобилите на електричен погон.

default

Имаат ли иднина електро-автомобилите?

Во „Мерцедес“ ги нарекуваат „БлуЗиро“, („BlueZero“), во „Фолксваген“ „И-Ап“, („E-Up“), а во „Ауди“- „И-трон“, („Е-tron“). Заеднички им се две работи: сите се автомобили на електричен погон и сите три се‘ уште не можат да се купат во слободна продажба. Најголемиот проблем во моментов се акумулаторите, но и подготвеноста на купувачите да инвестираат во такво возило. Во компанијата за истражување, „МекКинси“ сметаат дека двата проблема би можеле да бидат надминати во метрополите, каде малите електро-автомобили имаат голема иднина. Реална е употребата на возила кои со едно полнење на акумулаторите можат да поминат 50-ина километри, вели Кристијан Малорни од „МекКинси“.

„Мораме да се простиме од идејата дека автомобилите на иднината мора да бидат универзални и за сите прилики. Произведувачите мораат добро да се замислат и да се прашаат: Како да се направат возила за различните потреби на луѓето? Наскоро ќе мораме да се откажеме од претставата дека имаме еден автомобил со класичен бензински мотор кој може да помине од 500 до 1.000 километри со еден резервоар гориво.“

Flash-Galerie Detroit Auto Show

Новиот хибрид на Фолксваген беше премиерно претставен во Детроит

Градовите веќе планираат

Денес веќе постојат хибридни мотори, комбинација на мотор со внатрешно согорување и на струја. Малорни дава смела прогноза дека до 2015 година на улиците на таканаречените мегалополиси во светот, 16 отсто од возилата ќе имаат електричен погон. Тој вели дека владите ширум светот им даваат голем поттик на произведувачите кои развиваат такви возила.

Постојат планови и во самите метрополи. Во Њујорк планираат за користење на електричните возила да одобрат посебни коловозни ленти кои досега ги користеа само автобусите.

„Во втората фаза, рестораните, паркинзите и рестораните за брза храна на своите муштерии ќе им нудат бесплатно полнење на акумулаторите. Истата услуга ќе им се нуди и на вработените од страна на работодавачите“, прогнозира Малорни.

Во Германија се планира до 2020 година да има еден милион електро-автомобили. Во „МекКинси“ дошле до уште еден заклучок. Купувачите на автомобили со голем број коњски сили се‘ почесто бараат возилото да им се испорача без етикета за моделот на вратата на багажникот. За разлика од нив, купувачите на штедливите возила тоа го бараат. Да се вози „зелено“, еколошко возило, очигледно е „ин“.

Автор: Хенрик Беме / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM