1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Воздржана поддршка

САД се сигурни дека режимот на Асад користел хемиско оружје. Сега треба бунтовниците да добијат засилена воена поддршка. Москва не им верува на американските докази. Германската влада, пак, не располага со сознанија.

Русија критикуваше дека обвинувањата на САД за употреба на хемиско оружје од страна на сириското раководство не „биле убедливи“. Истовремено Москва ги осуди и плановите за американска испорака на оружје за бунтовниците во Сирија. На тој начин ќе бидат загрозени мировните разговори кон кои се стремат Русија и САД, изјави надворешно-политичкиот советник на претседателот Владимир Путин, Јури Ушаков.

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг во Лондон соопшти дека неговата влада ја споделува проценката на Вашингтон.

Германија и покрај можната употреба на отровен гас од страна на режимот на Асад нема да испорача оружје за сириската опозиција, соопшти владиниот портпарол Штефан Зајберт. Портпарол на Министерството за надворешни работи дополни дека германската влада нема сопствени сознанија, во однос на употреба на смртоносен отровен гас од страна на режимот во Дамаск. Владата во Берлин стравува од можна ескалација на состојбата во Сирија. Германската канцеларка Ангела Меркел поради случувањата во Сирија побара итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Франција, пак, оцени дека е малку веројатно оти ОН ќе постигнат договор за воведување зона на забранети летови во Сирија. За донесување таква одлука е потребно ниту една од петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН да не гласа против предлогот, што според портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Филип Лалио е малку веројатно, имајќи го предвид досегашното однесување на Русија и Кина, кои ги блокираа сите резолуции за осуда на Дамаск.

Единствен начин за излез од кризата во Сирија е изнаоѓање политичко решение, соопшти денеска Европската комисија. „Се надеваме дека најновиот развој на настаните ќе ги забрза напорите на меѓународната заедница за изнаоѓање политичко решение“, изјави портпаролот на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон, Мајкл Ман. Ман оцени дека решението за кризата треба да се бара преку преговори, нагласувајќи дека треба да му се даде шанса на мировниот процес на меѓународната конференција во Женева, предвидена за идниот месец.

Американската влада соопшти дека според нејзино гледиште е докажана употребата на хемиско оружје од страна на трупите на претседателот Башар ел Асад во сириската граѓанска војна. Истовремено САД ветија и „воена поддршка“ за бунтовниците. Според наводи на западни дипломати од Турција САД размислувале за воведување на зона за забранети летови во Сирија долж границата со Јордан.