1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Возбудливо 34-то издание: секој сака на „Браќа Манаки“!

Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Лабина Митевска во разговор за ДВ ги најавува содржините на годинешното издание

Стегната, побогата и возбудлива програма од квалитетни актуелни филмови во неколку програми, повеќе гости и дополнителни содржини, технички совршени филмски проекции со новата дигитална опрема- тоа се новините што за ДВ ги најавува Лабина Митевска, директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ чие 34-то издание ќе се одржи од 14. до 20. септември во Битола.

Фестивалот ќе го отвори премиерата на новиот македонски филм „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов, на тој начин продолжувајќи го трендот да се покаже најновото од македонската кинематографија, вели Митевска.

„Тој тренд го започнавме пред три години и е една од најсилните страни на фестивалот. За жал годинава имаме само два нови македонски филмови. „До балчак“ на Столе Попов нема да биде готов за фестивалот. Но, ќе го отвори „Соба со пијано“ на Игор Иванов. Во „Македонска панорама“- кратки и документарни филмови кои не биле прикажани на „Манаки“ од последната година ќе бидат на програмата годинава“, вели Митевска.

Програмата годинава- најполна

Filmfestival Braka Manaki, Bitola, Catherine Deneuve

Кетрин Денев на минатогодишното издание на Браќа Манаки

Ако домашната продукција беше најсилниот адут на 33-тото издание, со 28 филмови, што ќе биде во фокусот годинава?

„Програмата годинава е уште покомпактна. Постојано ќе има настани, па двете кино сали ќе бидат исполнети- од рано наутро до доцна навечер. Ќе има многу предавања, работилници и мастер класови. Од таа страна, оваа година фестивалот е посилен затоа што сметам дека освен гледање филмови треба да понуди и други дополнителни програми, можности луѓето да се сретнуваат, разменуваат искуства. Оттука, годинава ќе понудиме нешто различно.“

„Секој сака да дојде на Манаки“

Велите, силна страна годинава ќе бидат гостите на фестивалот. Но, ќе гледаме ли и квалитетни проекции со новата опрема?

„Убавото е што сè повеќе, врвни директори на фотографија самите се пријавуваат на „Манаки“. Во таа смисла фестивалот зајакнува. Во филмските кругови знаат што значи „Браќа Манаки“ и секој сака да дојде.

Што се однесува до квалитетот на проекциите лани во големата сала на Центарот за култура во Битола, беа совршени дигиталните проекции со поддршка на Сараевскиот филмски фестивал. Годинава, се надеваме дека дигиталната опрема што е купена- инаку, со подобар квалитет и од онаа од Сараевскиот фестивал, ќе биде инсталирана и дека ќе го имаме врвот во квалитетот на проекциите. Опремата пристигна пред две недели и сега се поставува. Ја добиваме најдобрата опрема во големата сала. Според мене е големо решение- сала со одлична опрема, звук. Треба да добие и седишта, а мал дел се сменети.

Домашните професионалци- инертни и незаинтересирани?!

Фестивалот донесува компетентни имиња кои со своите искуства можат да им помогнат на македонските филмови и автори. За жал, домашните професионалци најчесто беа незаинтересирани за едукација, нови искуства. Ќе се надмине ли некако оваа- фаза?

„Имам чувство дека нашите автори се малку успани и секогаш очекуваат некој друг да ја заврши нивната работа. Да, ние ги воспоставуваме контактите, отворени сме за домашните автори обидувајќи се да ги запознаеме со

Berlinale 2012 Mazedonisch

Лабина Митевска

странските гости, ги каниме на фестивалот но, натаму сè е во нивни раце. Мислам дека домашните автори треба да бидат поактивни. Трагично е- имаме Филмски фонд и влада која многу вложува во филмот, а немаме резултати. Имаме многу кратки филмови кои ниту одат на фестивали ниту се промовираат. Оттука, проблемот не е ниту во фондот ниту во владата, туку во нас самите. Продуцентите недоволно си ги „туркаат“ филмовите. Не можат да ми кажат дека македонски филмови не можат да влезат на фестивал кога има илјадници фестивали во светот. И не ми е јасно зошто, ако донесеш на фестивалот великан, директор на фотографија, нашите професионалци не покажуваат интересирање. Најверојатно потребно е време за да се промени ваквата состојба.“

Добар рејтинг на „Браќа Манаки“

Велите дека „Браќа Манаки“ е добро поставен. Но, што му недостига и како Вие би го растеле?

„На фестивалот најмногу му недостига поголем буџет за да може да им парира на фестивалите од регионот. Вака сме ограничени- дали да имаме една ѕвезда или ниедна. Од она што можам да го слушнам на другите фестивали, „Браќа Манаки“ како и Сараевскиот е еден од најинтересните во регионот. Особено ни завидуваат на ѕвездите што успеавме да ги донесеме во Македонија. Сега сме во една супер позиција.

Има уште за развој- добро е поставен и одлично може да функционира на ова ниво барем уште 15 години. Јас би сакала да го однесам уште понапред но, не знам дали тоа се само моите амбиции кои се косат со реалноста во Македонија. Верувам дека за него се слуша во светот и е нешто што секоја паметна земја го зема како оружје за сопствена промоција.“