1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Воените трауми на децата растени во благостостојба во Германија

Германците родени во периодот помеѓу 1960-1975 година израснаа во безбедност и благосостојба. Иако не живееја за време на Втората светска војна, некои од нив страдаат од последиците од тој период.

За време на Втората заливска војна во 1991 година Беате Борнмилер не можела да спие со ноќи.„Се плашев од авионите кои можат да наидат секој час и да ни ја бомбардираат куќата. Знаев дека нешто не е во ред, дека кај мене е нешто пореметено.“ Бидејќи, таа во Германија била безбедна, бомбите паѓаа во Ирак, на оддалеченост од 4.000 километри.

Беате за своите стравови не можела да разговара со родителите, односот отсекогаш им бил компликуван. Кога ја прочитала книгата која ја напишала жена чии родители го преживеале холокаустот, ја разбрала причината за своите проблеми: „Во книгата станува збор за пренос на трауми“, вели таа, за стравовите, траумите, шоковите и сите видени и искусени ужаси што воените генерации несвесно ги пренесле на следните генерации. На прв поглед тоа звучи апсурдно: децата кои во Германија пораснаа за време на 1960-тите, за време на „економското чудо“, далеку од ужасот на војната, сепак страдаат од последиците од Втората светска војна.

Во Германија тој феномен досега беше целосно непознат. Кај Беате Борнмилер, на пример, се повторува траумата на нејзината мајка која таа ја доживеала непосредно после војната: како петгодишно девојче, со месеци живеела без родители во еден дом. Кога се родила Беате, мајка и‘ ја оставила два месеца со баба и‘ и дедо и‘. За бебињата и децата, тоа напуштање значи издавање во многу решавачка фаза од развојот.

Kriegsenkel

Поттикната од сопствената биографија, психологот Кора Кепка со години се занимавала со темата - внуци на војната

Траума од детството која се повторува

Психологот Кора Кепка е во својата ординација во Бон. Боите на ѕидовите се светли и пријателски. Удобен мебел, поглед на парк: „Доаѓаат пациенти со стравови, депресија, исцрпени или со присилни дејства“, вели таа со тивок глас. „Кога малку ќе се задлабочам, ја наоѓам директната врска со тоа што го доживеале нивните родители“.

Поттикната од сопствената биографија, Кора Кепка со години се занимавала со темата внуци на војната: „Тоа што често се воочува во овие фамилии е дека родителите се релативно бесчувствителни, дека не знаат да се однесуваат нормално кога децата плачат“. На потомците од децата на војната, често им недостигала љубов од родителите: „На некои родители, исклучиво им е важно децата да им се успешни. Кога успехот изостанува, децата не се чувствуваат сакано“

Молба да се напише книга за внуците на војната

Сабине Боде е авторка од Келн. Во 2004 ја објави книгата „Изгубена генерација“, за децата на војната, кои свесно ја доживеале војната. Реакциите на книгата ја изненадија. Не само што ми се обраќаа директно погодените, туку и нивните деца: „Постојано добивав мејлови чија содржина може да се сведе на ова - Ви благодарам што придонесовте за тоа да ги разберам своите родители и не е лесно да се биде дете на такви родители“.

Sabine Bode Schriftstellerin Autorin

Во 2009 година Сабине Боде ја објави книгата „Внуци на војната“

Освен тоа, тие бараа од авторката да напише книга за нивната генерација. По извесно колебање, во 2009 година Сабине Боде ја објави книгата „Внуци на војната“. Собирајќи материјал за книгата водела многу разговори со луѓето од генерацијата на внуците на војната. И секогаш го слушала истото: родители емотивно недостапни, чувство на несигурност, необјасниви стравови и големи проблеми со професионална ориентација.

Децата на војната ги искусиле ужасите од прва рака: бегство, протерување, бомбардирање, некогаш приморани да гледаат и силување на роднините. Трауми, кои најчесто не застаруваат. Психотерапијата тогаш била потполно непозната, па многу од тоа се потиснало. Проблемите од детството се пренесуваат кога се возрасни и несвесно на своите деца.

Нацистичките методи на растење на децата

Психологот Кепка Кора проблемите на внуците на војната ги гледа и во спорните методи на растење на децата во времето на владеење на нацистите. Книгите на докторката Јохана Харер тогаш биле широко распространети.

70. Jahrestag Operation Gomorrha

Во операцијата „Гомора“ во Хамбург, во јули 1943. животот го загубија над 35 илјади луѓе

Нејзината теза гласи: „Детето е тиранин кое морате да го држите на растојание и на чие врескање не треба да се реагира“. Страшно, вели Кепка и одмавнува со главата, бидејќи книгата на Јохана Харер „Германската мајка и нејзиното прво дете“ е печатена се` до 1996!

Беате Борнмилер сега ги контролира своите стравови. Може мирно да гледа снимки од војната на телевизија. Моментално, е во фаза на професионална ориентација, сака да ја напушти својата работа и да прави нешто друго. Типично за внуците на војната.