1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Воена вежба: руската војска во борбена готовност

Рускиот претседател Путин нареди проверка на борбената готовност на армијата во западниот дел. Министрите за надворешни работи на САД и Британија истакнаа- Украина не е бојно поле за пресметка меѓу Западот и Истокот.

Во екот на кризата со Украина шефот на Кремљ Владимир Путин нареди проверкана борбената готовност на руската армија стационирана во западниот дел од земјата, кон соседната кризна држава. Во проверката е вклучена и авијацијата, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска за агенцијата Интерфакс. Проверката ќе ја опфаќа подготвеноста за реакција на кризни ситуации и на воена загрозеност на државата, рече Шојгу. Маневрите ќе бидат вршени во две етапи и ќе почнат веднаш, а ќе траат до 3. март. Путин и минатите години краткорочно донесуваше одлуки за воени маневри.

Украина не е бојно поле за пресметка меѓу Западот и Истокот

Американскиот државен секретар Џон Кери и британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг оценија дека Украина не е и не треба да биде бојно поле на кое ќе се судрат Западот и Истокот, апелирајќи за поддршка за Украинците по смената на украинскиот претседател Виктор Јанукович.

Syrien Konflikt Aussenminister Hague und Kerry

Вилијам Хејг и Џон Кери

Двајцата шефови на дипломатии на средба во Вашингтон повикаа на намалување на тензиите во Украина, откако привремените власти во Киев предупредија на можноста од економски колапс на земјата и од опасноста од ширење на сепаратизмот.

„Ова не е игра во која добиваш или губиш, или битка на Западот против Истокот. Станува збор за работа на самите Украинци и на нивната земја. Тие да го направат својот избор за иднината“, рече Кери.

Неговиот британски колега Хејг повика на обезбедување финансиска помош од разни извори, вклучувајќи ја и Русија за да и‘ се помогне Украина да застане на свои нозе, затоа што според него „не е во руски интерес Украина да доживее колапс“.

Според Хејг, работата не е во тоа Украина сега „да се оддалечи“ од Русија, туку на луѓето во земјата да им се овозможи да го направат својот сопствен избор.

„Сега е најважно да се создаде Влада во која ќе се најдат луѓе од сите делови на земјата, вклучувајќи ги и оние од истокот и од југот на Украина, со цел сите заедно да одлучат за својата иднина“, рече Хејг.

Шефовите на дипломатиите на САД и на Велика Британија побараа од новата украинска Влада веднаш да се зафати со темелна економска реформа и со остра пресметка со корупцијата.

Кери и Хејг испратија и силна порака до Киев, но и до Русија за да се зачува територијалниот интегритет на Украина. Лондонските весници најавуваат дека Хејг многу брзо ќе отпатува за Киев, каде на новите, привремени власти ќе им ги пренесе пораките од неговите разговори со Кери.