1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Воената хунта во Грција и улогата на ДВ

Пред точно 50 години војската изврши пуч во Грција, по што следеа седум години диктатура. Дојче Веле во тоа време одигра посебна улога.

Утрото на 21 април 1967 година во центарот на Атина влегоа тенкови. Мала група војници пучисти предводени од полковникот Јоргос Пападопулос, ја собори власта во Кралството Грција и на земјата ѝ наметна седум години диктатура. Пучистите стравуваа од претстојните предвремени извори на кои во борбата за моќ против кралот, на власт сакаше да дојде партијата на Еносис Кендру. Поради тоа пучистите создадоа свои факти и уште на денот на воениот удар се уапсени илјадници луѓе, пред сѐ припадници на опозицијата. Подоцна и кралот побегна во егзил. Цензурата и наметнувањето едноумие во јавниот живот, следењето и стравот, од тој момент го обележаа животот на луѓето во земјата каде што е родена демократијата. За народот кој се наоѓаше во синџири единствен слободен извор на информации беа странските медиуми - на почетокот тоа беа Би-Би-Си, Радио Франс или Радио Букурешт.

Дојче веле на почетокот беше помалку познат. Кога се случи воениот удар, овој германски медиум имаше само две години програма на кратки бранови. Програмата која започна во 1964 година, на почетокот не сакаше да се меша во грчката внатрешна политика. Но, во 1969 година тогашниот генерален директор на ДВ, Валтер Штајгнер, заедно со мал тим ангажирани грчки новинари, ја промени по малку здодевната програма за Грците и ѝ даде јасен карактер - критичен кон режимот во Атина. Со тоа ДВ јасно се стави на страната на оние кои се борат за демократија и слобода во Грција.

Griechenland Militärdiktatur Dimitrios Joannides und Georgios Papadopoulos (picture-alliance/dpa)

Првите луѓе на грчката диктатура- шефот на тајната служба Димитриос Јоанидес и диктаторот Јоргос Пападопулос

Овој медиумско-политички експеримент беше успешен: по Втората светска војна, токму од земјите на поранешните окупатори доаѓа „гласот на слободата“. И покрај забраната за слушање, ДВ ги освојуваше грчките домови. „Бев уште момче“, се сеќава денеска омилениот кабаретист Лакис Лазопулос. „Сите соседи тогаш одеа на потстрижување кај еден стар бербер кој работеше во својот стан. Една вечер и јас отидов на потстрижување. Но стариот фризер ме врати со зборовите: 'Не можам сега, морам да слушам Дојче Веле.' Што е тоа Дојче Веле, прашав. Дојче Веле е тоа што ни ја зборува вистината, одговори тој.“ Таа вечер Лазопулос сфатил оти во Грција на власт се воените пучисти. И оттогаш и самиот секој ден во 21.40 часот го вклучувал радиото - како и три милиони други Грци.

Јасни зборови преку кратки бранови

Грчката програма на ДВ известуваше за активностите на отпорот кој се формирал во странство. Луѓето за првпат дознаа за судбината на членовите на отпорот во Грција, за апсењата и мачењата. Преку широката мрежа на информатори, грчката редакција на ДВ ги собираше сите важни вести кои воената хунта ги цензурираше. Нималку лесна задача: редакцијата постојано балансираше меѓу правото на слободно известување и политичките и економските интереси на Германија во Грција.

Zeitzeugeninterviews, Deutsche Welle in der Zeit der Militärdiktatur

Вработените во грчката редакција на ДВ за време на воената диктатура во Грција

За разлика од неутралните формулации на Би-Би-Си, борбените коментари на ДВ на Грците им даваа надеж и поради тоа на хунтата ѝ беа трн в око. „Две години секоја вечер со мојата сопруга и децата ја слушавме емисијата во егзил во Затуна, и знам оти таа емисија го јакнеше нашиот морал и нашата одлучност“, се присетува познатиот композитор Микис Теодоракис. „Постои врска меѓу Грција и Германија, а тогаш нејзиниот центар беше Дојче Веле.“ Така овој германски медиум се разви во мирољубиво оружје на демократијата. Со тоа Германија по мрачните години на окупацијата започна една единствена, морална, политичка и човечка инвестиција во Грција.

Про новинар на ДВ, потоа претседател на Грција

Во јули 1974 година, колабираше режимот во Атина по пропаднатиот пуч во Никозија, чија цел беше обединување на Грција и Кипар. Демократијата се врати во Грција. И кога некои членови на грчката редакција на ДВ, по седум долги години, повторно одлетаа во Атина, таксистите не сакаа да им го наплатуваат возењето. И Каролос Папуљас тогаш работеше во таа редакција - подоцна пак стана грчки претседател. „Таа грчка емисија за грчкиот народ претставува историски симбол во борбата за демократијата и човековите права“, ја опишува Папуљас денес тогашната улога на ДВ. Самото име Дојче Веле сѐ уште делува емотивно и врз оние Грци кои не биле ни родени во тоа време, додава тој.

И при најмал знак на ограничување на граѓанските слободи или забошотување на вистината, се повикува на старата инстанца која ја претставуваше ДВ во тешките политички времиња во Грција. Кога пред неколку месеци беа издадени неколку разубавени вести на владата на премиерот Алексис Ципрас за состојбата во земјата, еден угледен грчки портал објави текст и го наслови со јасни зборови: „Ќе се врати времето на Дојче Веле.“

 

Поврзана содржина