1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Водата се повлече, но каде се туристите?

По поплавата која го зафати подрачјето околу реката Елба,сопствениците на хотелите, рестораните и кафулињата се уште залудно ги чекаат гостите.Туристите во оваа област се навистина потребни сега,но тие никако да стигнат.

Малото место Шмилка во Саксонија се наоѓа на германско-чешката граница, на брегот на реката Елба. По поплавата која се случи откако реката се излеа од своето корито, пекарот Матијас Дојсиг повторно почна со работа во историската пекарница и мелница. Иако и двете се наоѓаат на самата пешачка патека, туристите периодов скоро и да ги нема. Но, и покрај тоа, тој работи. „Кога на полноќ ќе ја запалам печката, можам околу четири часот наутро да почнам да печам. Кај нас секогаш е се` свежо. Но, затоа ни е потребно доволно време“, вели тој и гордо ја покажува печката која и денес, баш како и во 18 век се` уште „работи“ на дрва.

Tourismus nach dem Hochwasser in Schmilka Sachsen

По поплавата, пекарот Матијас Дојсиг повторно почна со работа во историската пекарница и мелница

Во оваа пекарница и други машини работат без електрична енергија. За среќа, бидејќи поради тоа пекарот Дојсиг во текот на поплавите можеше еден месец местото Шмилка да го снабдува со свеж леб. Местото скоро целосно беше под вода, а дотокот на електрична енергија беше прекинат. Не беше можен ни премин од едно место во друго. Патот кој води до соседното место Бад Шандау исто така беше под вода. Жителите буквално беа отсечени од остатокот од светот.

Повторно отворање што е можно побрзо

Лебот и колачите од пекарницата на Дојсиг може да се купат и во био-хотелот „Хелветиа“ кој се наоѓа на самиот брег на реката Елба, на другиот крај на местото. „Кај нас водата стигна до вториот кат. Десет дена без пауза имавме вода на приземје“, раскажува сопственикот на хотелот Свен-Ерик Хицер. Но и покрај тоа. баш во најтешкиот период, тој донесе храбра одлука. „Најважно беше да си поставиме рок, датум до кога се` треба да биде во ред за да го отвориме хотелот повторно. Тој датум беше 1 јули“, вели Хицер. И навистина, со помош на 80 помошници и голем личен напор и посветеност, успеа својот хотел повторно да го отвори на споменатиот ден.

Инфрацрвените зраци сушат влажни ѕидови

Но, заедно со човечкиот напор и труд, од голема помош му беше и една машина чии инфрацрвени зраци со голема брзина успеаа од ѕидовите да ја извлечат влагата. Овие машини, едноставно, се поставуваат пред водените површини, а водата, односно влагата многу брзо испарува и ѕидовите се сушат.

Elbe Hochwasser Fischbeck Damm Schubverband

Поплавата во јуни оваа година беше една од најголемите во историјата на Германија

На прашањето каква е ситуацијата сега во неговиот хотел, Хицер одговара дека има уште слободни соби. Бројот на гостите пред поплавата не е достигнат, иако неговите, како што вели, „био-гости“ му се, по правило, верни. Во август би требало хотелот повторно да биде полн. Другите хотелиери во споредба со него се во тешка ситуација.

Тоа што посебно го загрижува Хицер е меѓутоа намалениот број на дневни туристи. Околината на местото во кое живее, е полно со патеки и патишта кои најчесто ги привлекуваат велосипедистите. „Но, иако водата се повлече, тие не доаѓаат“, вели Хитцер, со што недостасува заработувачката од кафулињата, продажбата од пекарниците и од рестораните.

Во соседното место Бад Шандау се` уште се работи. Целото место изгледа како едно големо игралиште. Продавниците во поголемиот број се се` уште затворени, но кафулињата на терасите од рестораните во меѓувреме ги отворија своите врати. Трговците своите производи засега се` уште ги продаваат на мобилните тезги.

Tourismus nach dem Hochwasser in Schmilka Sachsen

Трговците во Бад Шандау своите производи се` уште ги продаваат на мобилните тезги

Земајќи го во предвид недостигот од туристи и приходи, помош би требало да стигне и од повисоките нивоа. Покраината Саксонија одлучи да ги привлече туристите со 1,8 милиони евра. Последици од поплавата имаат и околните земјоделци. Тие своите производи обично ги продаваат во регионалните хотели, а со оглед на тоа што дел од нив не се уште отворени и на земјоделците им недостасува заработувачката.

„Основавме здружение „Иднина“ и сега засилено го рекламираме нашето подрајче за да ги вратиме туристите“, вели еден до нив, Јоаким Освалд.

Големата санација допрва доаѓа

Tourismus nach dem Hochwasser in Schmilka Sachsen

Свен-Ерик Хитцер успеа по поплавата на 1 јули повторно да го отвори хотелот „Хелветиа“

Градината во хотелот „Хелветиа“ во меѓувреме е повторно зелена. Последиците од поплавата скоро и да не се видливи. Столиците и лежалките се во тревата, на дофат на реката Елба. Но сепак, иако денес овде се изгледа како да немало поплава, и дека не предизвикала голема штета, ситуацијата се` уште не е како порано. „Имавме среќа во несреќа. Среќа беше тоа што поплавата не се случи за време на најголемата туристичка сезона. Во спротивно сега би морале да бидеме затворени и да обновувавме. Но, темелна обнова допрва претстои“, вели Хицер. Таа ќе биде во текот на зимските месеци кога туристи и онака не доаѓаат во овој крај.