1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Водата има своја музика која влијае врз човекот

Селим Мустафи од тетовското село Глоѓи, 65-годишен поранешен наставник по ликовно воспитување, за 30 години изградил стотина фонтани со вештачки мали водопади во Европа, поранешна Југославија и во Македонија.

default

Што мислите: дали тивките бранови на океаните, морињата, или поголемите езера, кои ги заплиснуваат бреговите, се само обични шумови без влијание врз човекот? А капките од дождот, течењата низ потоците, бранувањата и на реките, циркулацијата на водата и низ други отворени и затворени простори?

Селим Мустафи за 30 години изградил стотина фонтани со вештачки мали водопади во Европа, на просторите на поранешна Југославија и во Македонија. На прашањето упатено до поранешниот наставник по ликовно воспитување, кој не е експерт ни за физика, ниту за градежништво - која е неговата цел додека гради фонтани, тој одговара:

„Секоја капка има своја резонанца, своја вибрација, своја ’музика“. Како што во музиката постојат ноти, така и водата ги има своите ’ноти’ и со нив се создава пријатен амбиент. Затоа, јас се стремам со овие фонтани, со овие мали водопади да успеам да ги скротам тие ’музички ноти’.“

Selim Mustafi Kunstlehrer aus Tetovo, Mazedonien

Селим Мустафи

Д-р Оливер Зајков од Институтот за физика на Природно - математичкиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потврдува дека звуците на природните и вештачките водотеци, кои се движат во фреквентниот опсег од 20 херци до 20 килохерци, навистина имаат позитивни ефекти врз човековата психофизиолошка состојба:

„Сигурно е дека звукот има влијание врз човековото тело. Ако фреквенцијата е до 20 херци, тоа е инфразвук, ако е меѓу 20 херци и 20 килохерци станува збор за звук, додека оној со фреквенција над 20 килохерци е ултразвук. Искуството на луѓето, значи, без никакви научни мерења, истражувања и анализи, им помогнало да дојдат до заклучок дека шумот на водата влијае позитивно. Оттука, не е случајно што луѓето граделе и градат и натаму населби покрај реки и потоци, градат фонтани во дворовите и во населените места. Во светот се користат терапии со помош на звук. Тие вклучуваат не само една, туку повеќе фреквенции. Го користат целиот тој звучен спектар, што го споменав, со различен интензитет. Но, независно од тоа од каков извор ќе биде емитуван, инфразвукот влијае негативно врз организмот, затоа што резонантната фреквенција на органите во човековото тело се совпаѓа со неговите фреквенции.“

Негативни јони за позитивно расположение

Водите во своите движења создаваат уште една компонента на благопријатното влијание врз човековото здравје. Во овој контекст Мустафи истакнува:

„Негативните јони придонесуваат кон позитивното расположение. За сето време нив сакам да ги скротам.“

Професорот Зајков се надоврзува:

„Исто така, познато е и дека јонизираниот воздух има благопријатно дејство врз расположението на луѓето. Поради триење на водата со воздухот некои атоми и молекули можат да се јонизираат. Притоа, се создаваат позитивни и негативни јони, а негативните

Oliver Zajkov Institut für Physik in Skopje, Mazedonien

Оливер Зајков

придонесуваат кон тоа благопријатно дејство. Тие јони не му наштетуваат на човековиот организам. Ова што го прави водата, тоа го прават и фабричките јонизатори за воздух, кои, обично, се употребуваат во комбинација со озонер - направа за производство на озон. Сево ова се веќе познати ефекти, кои се среќаваат во секојдневието.“

Насер Раифи е еден од повеќетемина жители во Тетово и во регионот, кај кои гргори весело водата во фонтаната, направена од рацете на Мустафи. Раифи вели:

„Фонтаната е направена пред две години. Создава разни звуци. Ако не сум расположен, доаѓам овде и тогаш се чувствувам подобро.“

Смогот - убиец на негативните јони во воздухот во светските мегалополиси

Големите градови се задушени не само од физичкиот, туку и од таканаречениот „електронски смог“ - еден од најголемите уништувачи на негативните јони, кои се неопходни за нормално функционирање на човековиот организам. Во многумилионските по население урбани конгломерати во светот на секој чекор царува и бучавата, односно, се‘ помалку ги има звуците со ниски фреквенции и низок интензитет, кои се исто така благопријатни за здравјето на луѓето.

Springbrunnen Mazedonien

Една од фонтаните на Мустафи

Научните истражувања досега покажале дека поради сите уреди и материјали кои не‘ опкружуваат – синтетичките и пластични материјали, вештачките подови, домашните апарати, компјутерите, мобилните телефони, високонапонските електрични водови и електротрафостаниците, централното греење и клима - уредите, воздухот што го вдишуваме е енергетски осиромашен. Тоа влијае негативно врз човековото здравје и расположение. Поради сево ова, во затворените или отворени простори, кадешто живеат луѓето, има само неколку десетици до најмногу неколку стотини негативни јони на еден кубен сантиметар воздух.

Попрецизно, според научните мерења, во селата има од 800 до 1800 негативни јони во еден кубен сантиметар воздух, на улиците на големите градови од 200 до 450, а во канцелариите од 30 до 50 негативни јони. За нормалното функционирање на човековиот организам се потребни илјада такви јони во толкаво количество воздух. Водата во движење создава од неколку илјади до неколку десетици илјади негативни јони на еден кубен сантиметар воздух. Јасно се согледува зошто водните текови според оваа основа влијаат исклучително позитивно врз општата психофизичка состојба на луѓето.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска