1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Водата во селските водоводи опасно загадена

Во голем дел од селата во Македонија со вода за пиење од водоводи кои ретко се хлорираат водоснабдувањето е ризично поради бактериолошката неисправност и опасност од цревни заразни заболувања.

„Бактериолошката неисправност во некои од водите е над 50 %, а некаде и алармантни 100%. Причина за ваквата состојба е што овие селски водоводи не се хлорираат или тоа се врши повремено и нестручно“, потенцираат лекарите специјалисти по хигиена од Центрите за јавно здравје.

Дури во 36 села во велешко населението се снабдува со вода за пиење од селски водоводи кои не се хлорираат, во 25 села населението се снабдува со вода за пиење од природни маалски чешми и во четири села од бунари и Нортон пумпи. Според испитувањата на мостри од овие води од страна на стручните екипи од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес, дури 53,8% од селските водоводи, чешми и бунари во новата Општина Велес се бактериолошки, а 15,4% хемиски неисправни води за пиење. Во дел од поранешната Општина Велес, а сега Општина Чашка алармантно е што дури 100% од селските водоводи кои не се хлорираат и бунари се целосно бактериолошки неисправни и опасни по здравјето на населението, а 25% од нив имаат и хемиска неисправност. И во новата Општина Градско голем дел од селата кои имаа сопствени водоводи кои не се хлорираат, водата е алармантно бактериолошки загадена од 66,7% до 100 %.

Türkei, Wasser, Wasserversorgung

Слична е состојбата и на други селски водоводи во Македонија чии води не се хлорираат или тоа се врши нестручно. Ваква е состојбата и во селата во Општините Дебар и Центар Жупа, во некои од Кумановските и Кавадаречките села или половина од селата во Битолско и уште многу региони во Македонија.

Загадените води причина за цревни заболувања

Според д-р Снежана Петрова специјалист по хигиена од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес која повеќе години на терен ја следи состојбата со овие селски водоводи, опасноста по здравјето на локалното население од конзумирање на овие води е голема.

„Во овие селски водоводи кои не се хлорираат најчесто има бактерии од фекално потекло како Escherihija colli I Koliformni bakterii кои предизвикуваат појава на хидрични епидемии до цревни заразни заболувања, како проливи и повраќања, а со што најмногу се погодени децата. Кај хемиски неисправните води има нитрити, нитрати, железо, перманганат, а водата е матна и исто така штетна по здравјето“.

Славка Јованова жител на едно од велешките села чиј водовод не се хлорира загрижена за здравјето на своите три деца вели:

„Децата по неколку пати годишно ми завршуваат на лекар со болки во стомакот со проливи и повраќања кои ги исцрпуваат, а се’ тоа е поради загадената вода која ја пиеме. Водата ја превриваме, ја цедиме, но проблемот еднаш конечно и под итно треба да се реши“.

Со водите во селските водоводи треба стручно да се стопанисува

Д-р Снежана Петрова заклучува дека најголем дел од селските водоводи не ги задоволуваат основните хигиенско-технички норми и појаснува:

„Немаат обезбедено заштитни зони, не се врши дезинфекција на водата или хлорирањето се врши нестручно од необразовани за таа работа поединци преку Месните заедници. А и покрај забраната за користење на водата која им ја изрекуваат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, најголем дел од нив и понатамо продолжуваат по старо. Мал дел од селата одржувањето на селските водоводи им го преотстапија на стручни лица од ЈКП од градовите. Моја препорака е во недостиг на пари за оваа намена, тие да преговаарат со локалната власт во општините. Целта е итно да се изнајдат стредства за набавка на хлоринатори и ангажирање на стручњаци кои ќе ја дезинфицираат водата и која редовно ќе биде исправна за пиење“.