1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Внимание, интернетот служи и за злоупотреби!

Злоупотреба на лични податоци е најчест проблем со кој се соочуваат корисниците на интернет, посебно на социјалните мрежи. Надлежните регистрираат пораст на оваа појава. Податоци се злоупотребуваат главно од забава,но...

default

Пробиена интернет адреса, профил на социјална мрежа, злоупотребени лични банкарски податоци. Во Македонија секојдневно има случаи на физички или правни лица кои станувааат жртви на хакерски операции. Жртвите се главно обични граѓани, но во последно време се регистрираат зачестени злоупотреби со податоците и на јавни личности, политичари, државни институции. Ако порано имејл адресите биле предмет на најчести поплаки кај граѓаните, сега социјалните мрежи, како Фејсбук, најчесто се предмет на злоупотреби вели за Дојче Веле Елена Стојановска од дирекцијата за заштита на личните податоци:

„Секојдневно граѓани се јавуваат и обраќаат во дирекцијата, многу често за жал тоа се млади луѓе кои што веројатно го користат овој начин на комуникација, но и за не толку благородни, забавни и социјални работи така што може да биде препорака до младите, но и родителите да обратат внимание што прават нивните деца на интернет. Секојдневно имаме јавувања, можеби сите не поднесуваат барања за откривање на сторителите, но за совети и консултации имаме едно цело одделение кое, меѓу другото, работи само она што е поврзано со интернет“, вели Стојановска.

Полицијата постапува по секоја пријава

Откако граѓаните ќе се пожалат во дирекцијата единственото што може да се направи е оттаму да побараат од администраторот на овие портали за социјално дружење да ги отстрани спорните содржини или спорниот лажен профил:

„Конкретно со Фејсбук засега таа соработка оди одлично, имаме потпишано договор за соработка и успеваме да им излеземе пресрет на граѓаните. Меѓутоа, она што тие некогаш го бараат и сакаат понатаму како постапка да го продолжат, односно откривањето на идентитетот на оние кои ја направиле таа постапка, мора да оди преку други органи кои што се надлежни за тоа, односно кај нас - Министерството за внатрешни работи“.

Innenministerium Mazedonien

За да постои кривично дело неопходно е да биде пријавена штета во МВР, по што се отвора истрага за случајот

Дека станува збор за зачестена појава потврдуваат и во МВР, каде посебна единица секојдневно се занимава исклучиво со компјутерски криминал. Полицијата постапува по секоја пријава, го истражува случајот и работи на утврдување на идентитетот на сторителот. За да постои кривично дело неопходно е да биде пријавена штета во МВР, по што се отвора истрага за случајот објаснува портпаролот Иво Котевски:

„Доколку станува збор за пробивање на лични податоци од типот на имејл адреси вообичаено во таквите случаи многу потешко оди расветлувањето на делата со оглед на тоа што не е предизвикана материјална штета, а самата постапка налага МВР да се обрати до сопствениците, до компанијата која што сервисира одредена веб-страница на која се внесени податоците на корисникот на одредена имејл адреса. Доколку нема некоја поголема материјална штета, вообичаено постапката и од таа страна трае исклучително долго и тешко оди расветлувањето на тие дела“.

Внимателност е неопходна

За разлика од овие случаи, потешките злоупотреби се решаваат многу поефикасно:

Symbolbild Internet Hacker Sicherheit Computer www

„Доколку станува збор за сериозен криминал каде е направена поголема штета, за што во последно време имавме повеќе случаи, односно појавата наречена фишинг, кадешто се крадат податоци од лица од нивни банкарски сметки и подоцна истите да можат да бидат злоупотребени, во такви случаи целата постапка оди побрзо и МВР многу поефикасно го расветлува овој вид на криминал“, вели Котевски.

Надлежните предупредуваат граѓаните да бидат внимателни при користењето на своите податоци на интернет, посебно при посети на страници каде се оставаат лични податоци за банкарски сметки или други чувствителни информации.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска