1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Внимание, внимание“ - 90 години радио во Германија

Во текот на неговата 90-годишна историја, радиото често е прогласувано за мртво, но тоа секогаш одново се пронаоѓаше себе си. Историјата на радиото во Германија почна во октомври пред 90 години.

„Внимание, внимание, овде е радиостаницата Берлин во Фокс-куќата на бранови од 400 метри. Дами и господа, ви соопштуваме дека денеска почнуваме со емитување радио програма“. Со овие зборови „Радио час АГ Берлин“ ја почна својата програма на 29.10.1923. година во 20 часот. Тоа беше првата радио-програма во Германија.

Програмата опфаќаше преноси на музика во живо, свирена во радио-студиото. Слушатели речиси и да немаше, зашто само малку луѓе во тоа време поседувале скапи радио-апарати.

На програмата, покрај музиката, уште во првите години беа пренесувани и спортски натпревари. Радиорепортерот Алфред Браун во 1930. година известуваше во живо од берлинскиот стадион за „борбата меѓу државите“ Германија и Англија, а притоа се мислеше на фудбалскиот натпревар.

Пропаганда на нацистите

Кон крајот на 1931. година заврши патентот на фирмата Телефункен, така што и други претпријатија можеа да работат на развој на радио приемници, со што неговата цена значително е намалена. Потоа настана и т.н. “народен радио-приемник“, кого нацистите многу брзо го открија како пропагандно средство и почнаа да го злоупотребуваат за свои цели.

Deutschland Geschichte Rundfunk Zwei Frauen und ein Junge hören Radio

Радио апаратот порано бил редок и скап

"

„Радиото се приклони и потчини на целите кои ги постави националната револуција“, соопшти министерот за пропаганда Јозеф Гебелс во 1933. година во еден разговор со директорот на радиото. Слушањето странски радио станици беше прогласено за кривично дело.

Демократски нов почеток

По крајот на Втората светска војна трите западни победнички сили, Велика Британија, Франција и САД решија да основаат јавен радио систем кој беше децентрализиран и финансиран преку претплата. Најголем приоритет имаше ширењето на демократските идеи, по примерот на БиБиСи.

Deutschland Rundfunk Rundfunkstudio

Радиото сепак не изумира

"

Благодарејќи првенствено на военото радио на сојузничките сили, во повоените години во Германија стигна и нова, музика на англиски јазик. За да не ги загубат слушателите и германските радио станици почнаа да ја емитуваат на своите програми.

Од Келн кон странство

Од 1953. година постои и Дојче веле како германско радио кое емитува програма за странство. Програмата на Дојче веле со текот на годините е исклучително проширена, постојано се основани програми на сѐ поголем број јазици, опфаќајќи се‘ поголем број региони. Во меѓувреме на радиото не само во Дојче веле, туку и во останатите медиуми, конкуренција му прават телевизијата и интернетот.

Ново доба - нови предизвици

Радиото во прва линија се слуша патем, објаснува Волфганг Муел-Бенингхаус, експерт за медиуми на Универзитетот Хумболд во Берлин. Радио слушаме возејќи автомобил, за време на извршувањето на домашните работи или едноставно со цел да се опуштиме. Т.н. стриминг на интернет денес овозможува радио-програмите од сите делови на светот да бидат достапни на едно место. Така домашните емитери, кој својот сигнал го испраќаат на класичен начин, преку радио бранови, на овој начин добија нова конкуренција.

Муел-Бенингхаус сепак не верува дека радиото во својата стара форма ќе изумре и покрај промените.

„Консументите нема да се задоволат со една или две национални програми“. Наместо тоа радиото ќе мора повеќе да се базира на регионални принципи и во содржинска смисла повеќе да се концентрира на одделни целни групи“, смета овој експерт.