1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„ВМРО-ДПМНЕ никому не ја продаде државата“

Македонската владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ја одбележува 20-годишнината од своето формирање на 17 јуни 1991 година. Каков беше патот на партијата од раѓањето до врвот на власта во земјата.

default

Никола Груевски, дел од поновата историја на партијата

Во историјата на македонскиот народ едновековното постоење на четирите волшебни букви ВМРО главно беше синоним на борба за самоостојна држава. Формирањето на ВМРО-ДМПНЕ пред две децении, неговата победа на првите демократски плуралистички избори за многумина во посткомунистичка Македонија беше знак дека се обезбедува ткивото за независна држава и дисолуција од СФРЈ.

Но првата елита, главно писателско-уметничка, чија идеја беше Македонија да биде самостојна држава, најпрвин се собра околу МААК, меѓу кои беше и и тогаш 26-годишниот Љубчо Георгиевски, идниот прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со Љубчо бевме при формирањето на МААК, тој потоа замина во ДПМНЕ. ВО МААК беше собрана поголемата група од македонската интелигенција која се залагаше Македонија да добие целосен свој државен идентитет“, вели историчарот Орде Ивановски.

Мане Јаковлевски со својот брат Гојко и Драган Богдановски беа моторната сила на македонската национална емиграција и задграничните комитети, кои претендираа да се формира партија со предзнакот ВМРО. Тие најпрвин во Берлин, во кафената „Скопје“, а потоа и во Минхен го отворија прашањето за формирањето на македонска национална партија.

„По средбата во Берлин се одржа вториот состанок во Минхен, на кој покрај ние тројцата од Скопје дојдоа Борис Змејковски, Љубчо Георгиевски и Владо Транталовски. Со нив е договорен и датумот, 17 јуни и во Македонија се формираше ВМРО-ДПМНЕ“, се сеќава Мане Јаковлевски. Тој тврди дека Драган Богдановски, најпознатоот дисидент во комунистичка Македонија, осуден на 12 години затвор и одлежани 8,5 години, немал лидерски, ниту премиерски амбиции. На првиот конгрес во Прилеп во април 1991 година на чело на новоформираната партија беше избран Љубчо Георгиевски, кој е инспиратор на додавката ДПМНЕ.

Еден од основачите на партијата, Борис Змејковски, тврди дека меѓу стотината потписници за регистрација на партијата не бил и Љубчо Георгиевски.

Prime Minister Ljubcho Georgievski

Љубчо Георгиевски

Победникот не формираше влада, но остави длабок печат

ВМРО-ДПМНЕ, со успешно политичко еквилибрирање беше спречен да формира влада иако беше победник на првите парламентарни избори. Но со својата активност остави историски акти и одлуки во почетокот на 90-тите. Оваа партија беше инспиратор и иницијатор на Декларацијата за самостојна држава, побара повлекување на ЈНА, формирање на сопствени спортски репрезентации, покрена иницијатива за Декларација за евроатлантско интегрирање на Македонија. Георгиевски беше избран за потпретседател на државата, но не остана долго заменик на Киро Глигоров, кој во тоа време ја презеде практично целата фактичка власт и носење одлуки околу дисолуцијата од федерацијата.

Турбуленции во партијата

Изборите во 94-та и апстиненцијата на ДПМНЕ од вториот круг поради фалсификати ја стави партијата во период на искушенија, при што иако размислувал, Георгиевски не се повлече од лидерската функција.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien

Седиштето на партијата во Скопје

„Јасно е дека главен инспиратор за независна Македонија бил Георгиевски, кога тоа го предлагал во партијата, некои и тогаш го оспоруваа“, вели Марјан Додовски, претседател на отцепената ВМРО-НП, преку која својот политчки кам бек го најавува Георгиевски, кој заедно со Димовска го наметнаа изборот на Борис Трајковски за претседател на државата.

Партијата доживува и период на цепања, формирања на фракции и нови партиски клонови со предзнакот ВМРО, од Земјоделска до додавката-Илинден.

Владите на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО формираше две влади, првата во коалиција со ДА на Васил Тупурковски, втората Никола Груевски ја направи најпрвин со НСДП на Тито Петковски, но и двете беа мултиетнички.

По загубените парламентарни избори 2002 година, Георгиевски ја напушта лидерската позиција и на Охридскот конгрес за нов предводник е избран неговиот фаворит, Никола Груевски.

„Георгиевски треба да си објасни зошто го поддржа Груевски, иако во ИК се договориме за чесна партиска агитација. Но Груевски на конгресот победи супериорно“, вели Марјан Ѓорчев, кој по формирањето на своја партија, сега повторно се врати под закрила на ДПМНЕ и по втор пат е ибран за градоначалник на една од најголемите скопски општини.

Груевски стапи на сцена

Груевски се раздели од својот политички ментор и претходник, јавно обвинувајќи го Георгиевски дека свесно ја саботирал кампањата на претседателскиот кандидат на партијата, кардиологот Сашко Кедев, кој му се спротивстави на социјалдемократот Бранко Црвенковски.

Со таквиот чекор Груевски успеа да ги обедини сите фракции и клонирани партии и супериорно да победи во два парламентарни циклуси со обемна програма наречена „Преродба“. Со цврсто партиско владеење, Груевски успеа да го номинира и Ѓорге Иванов, четвртиот македонски претседател.

Во модерната историја на ВМРО делбите како да се судбина, од фракции, поделби на централисти, автономисти и врховисти, па се‘ до модерните делби на патриоти и предавници. Најновиот упад во македонската кауза на партијата ја направи Георгиевски кога во еден јавен ТВ-настап изјави дека 70 насто од раководствата на ДМНЕ во овие две децении биле бугарофили. Таквиот судир на македонисти и бугарофили беше и во 1997 година, кога се судрија крилата на Доста Димовска и Борис Змејковски, по што „челичната партиска леди“ ја доби битката и поддршката од лидерот, иако ги застапувала тезите за бугарштината во Македонија. Змејковски тогаш се раздели од тандемот Герогиевски-Димовска, која пак како шеф на културниот центар во Софија ја испрати токму актуелниот премиер.

Змејковски коментира:

„Јас не знам колку такви бугарофили има во партијата, но тврдам, како генерален секретар на партијата, дека уште при нејзиното формирање имаше членови од сите националности, па и Албанци. Не знам зошто сега Гергиевски го отвара прашањето за бугарофилството, а застана во одбрана на Димовска“, прашува Змејковски.

„Две децени ВМРО-ДПМНЕ не ја продаде Македонија ниту на Бугарија, Србија, Грција, туку остана доследна на својата национална кауза-да ги штити интересите на македонската самостојна држава“, вели за Дојче веле Мане Јаковлевски, кој по три децении престој во Германија се врати во земјата и стана поддржувач на актуелниот лидер.

Во македонската јавност преовладува оценката дека премиерот Груевски е тврд бранител на македонскиот идентитет во грчко-македонскиот спор околу името. Тој и натаму има двојно повисока поддршка од својот конкурент Црвенковски, а владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ речиси трипати повисок рејтинг од СДСМ.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска