1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во битка за Велес

Велес, градот сo посебно место и улога во историјата, просветата и културата на македонскиот народ деновиве е град околку кој власта и опозицијата ги кршат копјата за освојување на градоначалничката функција.

default

Градот Велес со години беше бастион на СДСМ, а пред четири години локалната власт за првпат ја презема коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“. 

Тие  во  трка  за нов градоначалник на Општина Велес го кандидираа 54 годишниот Славчо Чадиев, м-р по дефектолошки науки, вработен во ЈЗУ Општа болница Велес. Тој е и актуелен претседател на Советот на Општина Велес и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес.

 

Slavco Cadiev

Славчо Чадиев

 Чадиев за својата изборна програма 2013-2017 појаснува „Наша цел е намалување на невработеноста, подобрување на искористеноста на сите ресурси, создавање поволни услови за нови домашни и странски инвеститори“. Во неговата програма има 104 проекти.  Десетте приоритетни проекти ги предводи проектот за новиот режим на сообраќајот со кружни текови и семафори и решавање на партерното паркирање.

Аце Коцевски кандидат за градоначалник во трка за трет мандат

52 годишниот градежен инженер и стручњак за локална самоуправа Аце Коцевски поранешен член на ЛДП, од минатото лето во редовите на СДСМ со задоцнување од седум дена зад Чадиев, кампањата на СДСМ и коалицијата „Сојуз за иднината“ ја започна на 10 март, а програмата ја претстави на 13 март. На обвинувањата на Чадиев дека програмата ја направил за три дена, Коцевски појаснува дека таа била направена уште минатото лето кога  биле анкетирани 11.600 семејства, а нивните проблеми и барања се содржани во неговата програма од 90 проекти и многу потпроекти.

Ace Kocevski

Аце Коцевски

Коцевски има 20 приоритетни проекти, од кои на прво место е изработка на студија и изградба на примарна гасоводна мрежа. Тој потсетува дека во време на неговите два мандати до 2009 година: „Велес беше најуспешна, лидер општина во Македонија во децентрализацијата на власта, од која искуства црпеа други општини па и од соседните земји, а денес е сосема просечна општина“.

Коцевски потенцира дека Велес денес е со многу лоша економска и социјална состојба на граѓаните. „Затоа моја визија е пред се’ е локалниот економски развој и нови инвестиции кои би значеле и нови вработувања, а со тоа и подобар стандард и посреќни граѓани“.

Велешани најмногу ги мачи невработеноста и сиромаштијата

Велес некогашниот индустриски центар на Македонија и пошироко, како последица на неуспешната транзиција, денес е град на стечајци и невработени.

Mazedonien Veles Straßenszene

Велес

Невработените за ДВ велат: „Од новиот градоначалник бараме привлекување на нови инвестиции пред се’ странски, а што ќе значи отварање на нови фабрики и наше вработување. Бараме и подобро средени улици и сообраќајници и повеќе зелени површини“.

Дека трката меѓу двајцата ривали е вжештена говорат и преобемните агенди на активности  секој ден. Во прилог на ова се и бројните пресови и демант пресови на едниот против  другиот, континуирано секој ден. Факт е дека Велес е многу важен и за позицијата и за опозицијата, а не случајно коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ,  на 22. март завршниот предизборен митинг го закажа токму во Велес.

Останатите тројца кандидати за градоначалник на Велес се Горан Мишков од Сојузот на Титови леви сили, Марјан Спасовски од Социјал-демократската унија и Тања Петровска од Социјал-демократската партија.