1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во манипулативно танго

Катерина Блажевска10 декември 2015

Владата се огради од нарачаната анализа на Охрискиот договор, а ДУИ реши да молчи. Аналитичарите во ова препознаваат нова игра на владините партнери за зголемување на нивните рејтинзи.

https://p.dw.com/p/1HL3e
Фотографија: picture-alliance/dpa

По 14 години од потпишувањето на Охридскиот договор, со кој беше ставен крај на конфликтот во Македонија во 2001 година, денес препораките за негово целосно спроведување ја креваат политичката температура во домашната јавност. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во тие препораки прочита „вовед во федерализација“, а опозициската СДСМ презентираше документ, според кој, нарачката на анализата на Охридскиот догововор има архивски печат од Владата и е потпишана од вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери, во име на Владата, што значи дека ништо не било направено без согласност и знаење на премиерот Груевски. Анализата чини 200.000 евра, а за нејзина реализација е ангажиран Питер Фејт од Европскиот институт за мир.

Владата не е нарачател

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за медиумите изјавуваат дека Владата не е нарачател на анализата на Охридскиот договор, дека не била консултирана ниту за цената, ниту за ангажманот на Фејт, односно дека тоа на „своја рака“ го нарачал Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор.

Musa Xhaferri
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

На барање на Дојче веле, Владата да се изјасни за ваквите наводи на партијата, владиниот портпарол, Александар Георгиев кусо изјави: „Владата не е нарачател на посочената анализа“.

Од ДУИ на ваквото тврдење „одговорија“ со тотален молк. Портапролот на партијата, Бујар Османи сугерираше да се побара одговор од Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, а од Секретаријат иако најавија одговор, сепак, се предомислија. Решија да молчат.

Со тоа јавноста остана без одговор чиј ракопис стои зад нарачаната анализа - владин или еднопартиски, при што молкот на ДУИ отвори многу сомнежи. Според аналитичарите, ваквиот однос укажува дека на повидок е уште една договорена игра меѓу владините коалициски партнери, за зголемување на нивниот рејтинг преку нова „одбрана“ на националните интереси, секој во својот табор.

„Неспроведувањето на Охридскиот договор им одговара и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, бидејќи со тоа овие две партии добиваат широк терен за фингирани меѓусебни несогласувања, преку кои се обидуваат да ја прикријат од своите гласачи неспорната љубов и согласност што постои меѓу нив кога е во прашање спроведувањето на рамковните тендерски договори“, вели аналитичарот Исен Салиу.

„Охридскиот договор не е усмен договор за да биде потребна анализа на неговото досегашно спроведување, туку напишан и потпишан на хартија со конкретни одредби и одговорности кои произлегуваат од него. Мислам дека со ставовите кои ги има во врска со последната анализа за Охридскиот договор, ДУИ сака да создаде лажен впечаток дека наводно се бори и се грижи за правата на Албанците, а ВМРО-ДПМНЕ спротивен впечаток - дека како партија ги штити Македонците од некои наводни неоправдани барања на Албанците. Ова нивно однесување можеби ќе создаде тензии кај наивни гласачи Албанци и Македонци, но убеден сум дека нема да создаде никакви пречки во натамошната тендерска љубов меѓу овие две партии“, оценува Салиу.

За поголема кохезија

Што стои во нацрт - верзијата на препораките од анализата на Охридскиот договор? Се вели дека препораките тие имаат за цел постигнување поголема кохезија меѓу заедниците во Република Македонија. Сугерираат „враќање на преамбулата на Уставот, во формата предвидена во оригиналната верзија на Рамковниот договор, каде што се нагласува граѓанскиот, а не етничкиот идентитет на граѓаните во Република Македонија“. Како што е наведено во препораката, преамбулата не треба да се ограничи на споменување на само 7 заедници. Се препорачува донесување нов закон за јазиците со кој ќе се дообјасни значењето на амандманот 5 на членот 7 од Уставот, со што албанскиот јазик ќе биде потврден за официјален јазик во Македонија. Меѓудругото, се препорачува и следниво: Одобрување на државниот и на буџетите на општините со двојно, Бадентерово мнозинство; Зголемување на децентрализацијата со конкретни буџетски мерки; Создавање „министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, кое би го надгледувало спроведувањето и унапредувањето на Охридскиот договор; Систематизирање на сите вработени од Секретаријатот во државните институции; Вклучување на говорот на омраза и криминалот врз основа на омраза во Кривичниот законик; Регулирање на статусот на лицата и семејствата на жртвите од конфликтот во 2001 година.

Mazedonien neue Regierung 19.06.2014
Фотографија: MIA

Автогол за ДУИ

Водат ли овие препораки кон целосна и квалитетна имплементација на Договорот и дали некои од нив може да бидат (зло)употребени од политичките субјекти како повод за меѓуетничка поларизација - го прашавме професорот по уставно право на Универзитетот на ЈИЕ, Јетон Шасивари.

Тој потсетува дека вакви анализи имало и порано, но немале никаква правна или политичка завршница и завршувале како еднострани анализи на ДУИ. Смета дека таква судбина ќе има и оваа анализа, имајќи го предвид фактот дека наредната година ќе биде изборна.

„Станува збор за површна анализа на Охридскиот документ, кој веќе е преточен во уставни и законски измени, при што, истиот требаше да се реализира пред 10 години. Основна и единствена цел на овој документ беше запирањето на вооружениот конфликт од 2001 година, и на тој план документот беше 100% успешен и ефикасен како мировен договор. Се друго поврзано со него, сите овие години е неуспешно и неефикасно, затоа што: Охридскиот документ немаше капацитет и не успеа да произведе меѓуетничка хармонија, заедничка визија и взаемно разбирање, немаше сила да спречи етнократски и етноцентричен политички режим особено во последниве години, не понуди позитивен развој на мултиетничката демократија, не го скроти етничкиот антагонизам и сегрегацијата, не го олесни меѓуетничкиот дијалог, соработка и доверба, не успеа да се постави како систем за решавање на проблемите, не обезбеди превентивни механизми за меѓуетничките судири и тензии, не обезбеди успешен процес на евроатлантските интеграции...“, оценува Шасивари.

Mala Recica Tetovo
Фотографија: DW

Според него, апсурден е и тајмингот за анализата.

„Зошто сега? Од политички аспект, оваа анализа се толкува како своевиден 'автогол' на ДУИ, бидејќи истата во суштина значи барање за нов политички договор, со што ДУИ имплицитно признава дека Охридскиот документ е неуспешен и треба да се замени со нов. Со тоа и оваа партија се приклучува кон барањата на други и нови политички партии на Албанците за нов политички договор, кои овој документ уште одамна го прогласија за неуспешен. Апсурден е и фактот што ДУИ со оваа анализа се однесува како политички аналитичар кој анализира, препорачува и сугерира, а не како политичка партија која веќе 12 години е дел од извршната власт во Македонија и како таква, требало да полага сметка и да сноси конкретна одговорност за неуспешноста на Охридскиот документ“, констатира Шасивари.

Според аналитичарите, глумењето „кавга“ меѓу владините партнери, само уште еднаш покажува дека тие ниту ја смениле, ниту планираат да ја сменат старата матрица на однесување, со која потпалуваат тензии за сопствен рејтинг. По многу веќе видени такви примери, сметаат дека граѓаните би требало да се веќе многу повешти во препознавањето на такви политички игри, и дека нема да дозволат да бидат изманипулирани на штета на меѓуетничкиот мир во земјата.