1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вмешувањето на Иран во Сирија-непожелно

Иран работи на формирање на прорежимска милиција во Сирија, обвини американскиот министер за одбрана Леон Панета. Тој предупреди дека зголеменото присуство на Техеран може само да ја влоши состојбата на терен.

„Сега постојат индикации дека тие се обидуваат да развијат, се обидуваат да тренираат милиција во Сирија, која ќе биде способна да се бори во име на режимот. Сирискиот народ треба да ја одреди својата иднина, а не Иран“, изјави американскиот министер за одбрана Леон Панета.

Американските власти информираат дека имаат докази оти иранската Револуционерна гарда, елитна воена организација, се обидува да развие таква милиција. Се работи за организација која има историја на поддржување вооружени групи во странство со цел ширење на интересите на Иран. Според Панета, она што Иран го прави е само „помагање на убивањата што се случуваат во Сирија“.

Syrien Rebellen Kämpfe 13.08.2012

Сириските бунтовници ги ставаат под притисок владините трупи

САД сметаат дека сириските власти се соочуваат со голем број на дезертирања во армиските редови. Генералот Мартин Демпси дополни дека „Иран формира ваква милиција, за да одземе дел од притисокот врз сириската војска“.

Режимот се распаѓа

Податоци за колабирање на војската и режимот во Сирија изнесе и поранешниот сириски премиер Ријад Хиџаб, кој минатата недела пребега во Јордан.

„Сирискиот режим контролира само 30 проценти од сириската територија. Тој се распаѓа воено, економски и морално“, рече Хиџаб на прес-конференција во јорданскиот главен град Аман.

А, западните сили сметаат дека бранот на дезертирања ќе доведе до пропаѓање на автократскиот режим и ставање крај на конфликтот.

OIC Treffen Außenminister Ägypten Mohammed Kamel Amr

Средба на Исламската организација за соработка

„Сирија е полна со функционери и војници кои го чекаат вистинскиот момент за да му се приклучат на револтот“, рече Хиџаб, охрабрувајќи ја поделената опозиција да се обедини.

Повици за вооружување на сириските бунтовници вчера стасаа од Саудиска Арабија, земјата домаќин на самитот на Исламската организација за соработка. Иран веќе ја обвини Саудиска Арабија дека заедно со Катар и Турција ги вооружува и финансира сунитските бунтовници против Асад. Инаку, се очекува на крајот од дводневниот состанок во Мека да бидат усвоени заклучоци, во кои ќе стои дека Сирија се исклучува од членството во оваа организација. Тоа ќе биде дополнителен притисок за сирискиот претседател Башар ал-Асад, бидејќи организацијата претставува 1,5 милијарди муслимани низ светот.

Сириската опозиција тврди дека бројот на жртви во земјата се искачи на над 23.000. Од нив повеќе од 16.100 се цивили. Се претпоставува дека бројот на жртвите е поголем, бидејќи тука не се вклучени загинатите членови на провладините милиции, ниту потенцијалните жртви меѓу илјадниците луѓе кои се во притвор.