1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Властите уверуваат - хемикалиите за Сирија биле за цивилна употреба

Како можеше да се случи Германија да испорача повеќе од 100 тони хемикалии во Сирија? Политичарите бараат расветлување. Имено супстанциите би можело да се користат за производство на отровот сарин.

Политичарот од редовите на партијата на Зелените, Ханс Кристијан Штребеле очекува одговори од владите, кои во 2002 и 2003 година како и во 2005 и 2006 година одобриле извоз на чувствителни хемикалии во Сирија. Тврдењето дека хемикалиите биле употребувани само за цивилни цели „воопшто“ не ги растоварува одговорните инстанци кои ја одобриле зделката.

Исто така и претседателот на Одборот за надворешни работи, Рупрехт Полнец од ЦДУ се заложи за натамошно разјаснување за доставата и користењето на хемикалиите. Не смее да постои сомнежот, дека супстанци од Германија биле користени за производство на отров, рече Поленц за радиото Берлин-Бранденбург.

Пратеникот во Бундестагот од редовите на партијата на Левицата Јан ван Акен за утринскиот магазин на втората програма на германската телевизија ЦДФ изјави: „Ако постои земја каде тие во никој случај не би смееле да бидат испорачани, тогаш тоа е Сирија“. Сојузната германска влада уште во 2002 година знаела, дека Сирија има огромна програма за хемиско оружје. Општо било познато дека „таму се произведува сарин во големи количества“, вели Ван Акен. Овој пратеник и експерт за хемиско оружје претходно за новинската агенција АФП изјави дека не може да се исклучи „дека Германија самата се направила соодговорна за жртвите од нападот со сарин од Дамаск на 21. август“.

При нападот со сарин на 21. август оваа година во околината на Дамск беа убиени повеќе стотици луѓе. Западните влади сметаат дека за тоа се одговорни трупите на Асад.

137 тони хемикалии за Сирија

На прашање на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, германското министерство за стопанство соопшти дека Германија меѓу 2002 и 2006 испорачала 137 тони хемикалии на Сирија. Супстанците се така наречени стоки за двојна употреба, имено тие можат да бидат употребени за воени цели, но служат и за цивилно користење, на пример при производството на паста за заби. Оттука експортот на материите генерално не е забранет, се вели во соопштението.

Испораката била спроведена во време на вледеењето на социјалдемократите и зелените како и во првите години на големата коалиција од партиите на Унијата (ЦДУ/ ЦСУ) и социјалдемократите. Германската канцеларка Ангела Меркел за првата програма на германската телевизија изјави дека владата ќе ги провери сите обвинувања. Таа увери дека според сите сознанија кои ѝ стојат на располагање, употребата на хемикалиите била за цивилни цели. Не постоеле никакви индиции дека супстанциите биле употребени за производство на отровниот гас сарин.