1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Властите не трпат независно новинарство

Фактите се поразителни. Ниту еден напад врз новинарите во Црна Гора досега не е расветлен. А такви во последните неколку години имаше многу. Аналитичарите оценуваат дека независните медиуми се мета на властите.

default

Подгорица

Доволно можеби би било само да се истакне дека пролетта 2004 година во Црна Гора беше убиен главниот уредник на најтиражниот дневен весник, а три години подоцна беше претепан директорот на највлијателниот дневник. Нема индиции ниту за напредок во истрагата во случаите со претепување на новинарот од независниот неделник „Монитор“, Туфик Софтиќ, и спортскиот новинар, Младен Стојовиќ.

Полагање надеж во Европа

Софтиќ за ДВ вели дека е многу индикативна таквата неефикасност на црногорската полиција при откривањето на напаѓачите врз новинарите и медиумите. „Едноставно е несфатливо во мал град како Беране, ниту тајната, ниту јавната полиција, по четири години да немаат ништо ново да кажат за темата. И не само тоа, туку се прават обиди тие случаи да се стават под тепих, едноставно да се препуштат на заборав. Јас верувам дека Европа нема да го дозволи тоа“, истакнува Софтиќ.

Европската комисија мината година, меѓу седумте барања кои официјална Подгорица требаше да ги исполни, го вброи и барањето за гарантирање на слободата на медиумите. Но, токму во тој период неколкупати се палеа автомобили на дневникот „Вјести“, а имаше и чести реторички напади врз медиумите. По правило, тон на таквите кампањи им даваше лидерот на владејачката Демократска партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ, а потоа започната работа ја продолжуваат неговите медиумски специјалисти.

Инаку, токму Ѓукановиќ и нему блиските тајкуни изминатите години многу често поднесуваа тужби до судовите против независните медиуми. Ако би се прифатиле нивните барања, медиумите само на име „душевна болка“ би морале да исплатат околу 13 милиони евра!

Притисокот врз медиумите во Црна Гора се зголемува, независни медиуми има се’ помалку, а паѓа и заработувачката на новинарите. Затоа од професијата бегаат сите што можат. Во тој контекст разбирливо е што според извештајот на Репортери без граници, Црна Гора е на последно место во регионот по степенот на медиумска слобода.

Во служба на јавноста

Шефот на Новинарското саморегулаторно тело Мирсад Растодер за ДВ вели дека сите овие факти треба да служат како опомена за црногорските власти, дека забрзано мора да се менува односот кон новинарите и медиумите: „И тоа во правец на неприкосновеност дека новинарите и медиумите и‘ служат на јавноста, а не како што е врежано кај нас - на економските и политичките центри на моќ, па дури потоа на јавноста.“

Но, и покрај сите притисоци евидентно е дека моќта на медиумите во Црна Гора расте. Ова особено се однесува на печатените медиуми, а уште повеќе на „Телевизија Вијести“ која бележи неверојатен пораст на гледаност. Силна поддршка на независните медиуми во Црна Гора им пружи шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, при посетата на Подгорица минатиот август.

Соочени со силни притисоци дома и од меѓународната заедница, црногорските власти минатата година се согласија да ги укинат затворските казни за случаите на клевета, но повеќе од тоа не се направи.

Автор: Мустафа Цанка / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска