1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Власта не знае за шега

Двосмислени шеги не се за буквалисти. А се чини дека во полицијата има такви кои не знаат или не сакаат да читаат меѓу редови.Законот се почесто тропа на вратите на граѓаните кои на интернет сакале само да се пошегуваат

„Познат сум по иронијата. Но дури ни мене ни би ми дошло идеја во пристаништето на Њујорк да подигнам Статуа на слободата“, кажал своевремено ирскиот нобеловец Џорџ Бернард Шо. Со сарказам против американската идеја за слобода - сепак на Шо, колку што му било познато, не се забранува влез во САД. Но Шо, живеел на преминот во 20 век, кога полицијата не можела со еден клик на компјутерското глувче да дојде до детални податоци за некој, да види што кажал или напишал и како размислува некој. Времето на Џорџ Бернард Шо не било времето на Фејсбук и Твитер.

Кој сака да ја „откопа Мерлин Монро“?

Еден друг Ирец неодамна слетал во Лос Анџелес и се шокирал кога му бил одбиен влез во Соединетите Држави. Момчето поминало 12 часа во притвор. Зошто? Затоа што, пред патот за Америка, кој му бил голема желба, на своите прврзаници на Твитер им напишал дека во Калифорнија ќе си помине лудо и тоа го илустрирал со зборовите дека „ќе ја откопа Мерлин Монро“ и „ќе ја уништи Америка“. Нема сомнеж, дека момчето не е толку духовито како неговиот легендарен сонародник Шо, но и покрај тоа, тешко дека некој помислил дека ова момче навистина планира да го осквернува гробот на Мерлин Монро или да ја уништи САД.

Einreise Kontrolle USA

Безбедноста има предност: контрола во САД

„Не би советувал такви изјави, дури и кога намерата е иронична“, вели хамбуршкиот адвокат Клаус Лодигкајт. Овој експерт за ИТ вели дека Американците ги снимаат сите разговори, прават копија од се‘ на интернет и нема да пропуштат ни вакви шеги. „Кога пребаруваат по име или прекар и ако поврзат некоја личност со вакви изјави, тогаш тврдат дека тоа лице е опасно за САД. Поради тоа треба да се биде многу внимателен“, вели Лодигкајт за ДВ.

Заблуда или глупост

Не се работи само за проблеми при влез во земјата. Пред белецот Џорџ Цимерман да биде ослободен од убиството на тинејџерот со потемна кожа, едно 15 годишно момче, од градот Зајон во Илиноис, напишало на интернет: „Ако тој биде ослободен, јас ќе ги убијам сите во Зајон и ќе се извлечам, баш како Цимерман“. Набрзо потоа на врата му чукнале полицајци, го однеле момчето во затвор и најсериозно го испрашувале за да видат дали е опасен. Дошле до заклучок дека не е закана бидејќи „нема оружје ниту пристап до оружје“.

Многу полошо помина 18 годишниот Џастин Картер. Овој „зависник“ од онлајн игри, се скарал со неговата екипа за видео игри. Проблемот е што караницата била на Фејсбук и со тоа, видлива за сите. Кога другарите на Картер му префрлиле дека е „луд и глупав“ тој одговорил со иронична хипербола: „ Да, сосема сум луд. Мислам дека ќе убијам деца во градинка, ќе гледам како тече нивната невина крв и ќе изедам едно од нивните срца додека се` уште чука“. Залудно Картер, потоа напиша LOL ( интернет кратенка за „се смеам гласно“) и JK( „само се шегувам“) - веќе помина неколку месеци во притвор, пуштен е со кауција, но му се заканува повеќегодишна казна.

Dr.Klaus Lodigkeit

„Конкретни закани против физичкиот интегритет на интернет, претставуваат кривично дело“, објаснува правникот Клаус Лодигкајт

„Конкретни закани против физичкиот интегритет на интернет, претставуваат кривично дело“, објаснува правникот Лодигкајт. „За тоа луѓе може да бидат осудени. Ако за време на истрагата постои опасност од бегство, се оди во истражен затвор“. Сепак, дозволено ли им е на американските служби да ја шпиoнираат приватната комуникација на граѓаните, дури и ако е на интернет. „Не“, одговара Марио Танц од германската Партија на пиратите. „Во споменатиот случај полицијата не ја надгледувала комуникацијата туку добила информација од околината на потенцијалниот сторител. Кога вистинска личност ќе ви дојави нешто, тогаш секако дека сте должни да постапите по тоа“, додава Танц.

„Здружение за заштита на шпиони“

Parteitag Piratenpartei 12.05.2013 Neumarkt

Партијата на Пиратите го критикува шпиoнирањето на комуникациите на интернет

Последниот пример од Германија е посебна гротеска. По пат на Фејсбук 28- годишниот Даниел Бангерт повика на „прошетка до комплексот Дагер“ (главната фотографија) - се работи за американските простории во близина на Дармштат во Германија. Наводно, таму се наоѓаат и канцелариите на НСА за која работеше Едвард Сноуден и која го шпионираше целиот свет. Бангерт пишувал во името на непостоечкото „Здружение за заштита на шпиони“. Иако иронијата се гледа од авион, американската воена полиција не се смееше, туку побара од германските колеги да го приведат Бангерт. Тоа и се случи, а момчето меѓу другото беше испитуван и за своите политички убедувања.

„Ја критикуваме баш таквата пракса“, вели Марио Танц од Партијата на пиратите. „Во иднина секој граѓанин кога нешто ќе напише, мора да смета на посета од полицијата или агентите за државна безбедност. Тоа е проблем на држава која во меѓувреме практикува целосен надзор“, додава Танц.