1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Власта и опозицијата во нова кавга за загаденоста на воздухот

Опозициската СДСМ ја обвини власта дека со градежната политика во Скопје, придонесла за поголема загаденост на воздухот. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ возврати дека еколошкиот биланс на СДСМ е очаен.

Владата на Груевски, освен што ја држи земјата во изолација, сега ги држи во домашна изолација и граѓаните, откако со своите катастрофални политики придонесe за состојбата со загадениот амбиентален воздух, рече денеска Благоја Стојановски од СДСМ.

„Пилите на Коце Трајановски соголија десетици паркови во Скопје за споменици и катни гаражи: паркот спроти хотелот Бристол за административна зграда, паркот пред Домот на АРМ, паркот Жена Борец за поставување споменици, паркот пред КИЦ за катна гаража, паркот зад Собранието на РМ за катна гаража, паркот зад главната Пошта за барокна катна гаража, двете зелени парцели околу плоштадот Македонија, за хотел. Владата дозволи увоз на стари автомобили од кои Европа се чисти токму за да ги заштити своите граѓани и поставија споменици, згради и камен каде стигнаа, со што се наруши природната циркулација на воздухот“, рече Стојановски.

Според него, мерењето на загаденоста мора да се спроведува редовно и низ целата држава. „На пример во 2005. година работеа и мерните станици Битола 2, Велес 1, Велес 2, Куманово, Кавадарци, Кочани....Зошто овие станици денес не работат? Сега, СДСМ бара власта итно да ги стави во функција мерните станици секаде низ државата и во меѓувреме да донесе итни спроведливи мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, рече Стојановски.

Во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак се истакнува: СДСМ не може да го прифати фактот дека оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има најмногу направено од сите влади заедно за унапредување на животната околина.

„Во периодот од 2006. година па навака во Скопје, но и во другите градови во Македонија засадени се над 40 милиони нови дрвца. Само во Скопје се засадени преку 50 000 нови дрвја, изградени се нови паркови и се подигнати нови зелени површини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму тие додаваат дека се изградија и илјадници километри современи сообраќајници, улици и булевари, со кои се зголеми проточноста на сообраќајот и се намали загадувањето од издувните гасови.

„Во Скопје се изградија булеварот Илинден, булеварот Србија, булеварот Борис Трајковски, булеварот Теодосиј Гологанов, булеварот Климент Oхридски и уште голем број на други улици. Се набавија и над 300 нови современи автобуси со кои се подобри јавниот превоз. Со увозот на половни возила во Македонија се подобри и поднови возниот парк и се заменија возилата стари по 20-25 години години кои беа без еколошки стандарди“, додаваат од партијата на власт.

Понатаму тие нагласуваат дека од СДСМ во своите мандати не направиле ниту еден проект со кој би придонеле во унапредувањето на животната средина и подигањето на еколошките стандарди, а оние кои ги спроведе оваа Влада немаа доблест ниту да ги поздрават.

„Ако беа навистина загрижени за животната средина во Македонија немаше да ја бојкотираат акцијата Ден на дрвото при која во еден ден во ноември минатата година се засадија над 5 милиони дрва во Македонија. Нивната т.н. грижа е само политичко лицемерие“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.