1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Власта избрза со Деловникот

Експертите го критикуваат начинот на кој мнозинството во Парламентот по кратка постапка денеска (12.02) ги усвои измените во деловникот кој ги утврдува правилата за работата на Собранието.

Правниците предупредуваат дека власта избрзала и наместо да ги следи искуствата на западните земји усвоила измени без пошироки консултации на стручната и експертска јавност. Универзитетскиот професор Тања Каракамишева за Дојче Веле коментира дека Собранието најпрво треба да отвори научна и стручна расправа за да се види кои решенија се најсоодветни за македонската практика, односно за решавање на проблемите кои се појавија во парламентарната практика, и дури потоа да пристапи кон предлагање на измени и дополнувања на Деловникот:

„Во споредбеното парламентарно право постојат бројни правни, но и неправни механизми или инструменти за контрола на т.н. опструкција врз работата на парламентот од страна на опозицијата. Посебно се познати инструментите кои со векови се употребуваат во Обединетото кралство, земјата мајка на парламентаризмот, кои како правни инструменти се утврдени во Деловникот на парламентот, а се копирани како решенија во САД, Франција, Германија и други. Еден од најпопуларните е таканаречената кенгур постапка, каде спикерот на Долниот дом може самостојно да оцени кои амандмани ќе се разгледуваат на седница, а кои не, согласно важноста. Вториот, постапката на гилотина каде и самата Влада може да ја сопре парламентарната дискусија доколку по некој предлог закон таа напредува тешко. Ако Владата оцени дека амандманите се значајни за квалитетот на законот, тогаш може да одлучи да го прераспредели времето за дискусија, или да го ограничи времето на говор на пратениците. Во Германија на пример еден од механизмите на контрола на опструкцијата на парламентарната опозиција е поделбата на времето за дискусија меѓу парламентарните групи согласно нивната застапеност во парламентот“, укажува Каракамишева

Неопходен широк консензус

Со сличен став е и професорот Рената Тренеска Дескоска. Таа предупредува дека Деловниците на парламентите се акти кои мора да бидат донесени со консензус на најзначајните политички партии, бидејќи со нив се одредуваат

Trajko Veljanovski, Maz. Parlamentspräsident, Skopje, Mazedonien, 11.01.2008

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски

правилата на „игра“ во законодавните тела, како органи низ кои се остварува суверенитетот на граѓаните. Измените на Деловникот на Собранието на РМ во ситуација кога опозицијата е исфрлена од Собранието и не учествува во неговата работа, според Дескоска ќе значи само поголемо продлабочување на политичката криза, односно „долевање масло на огнот“.

„Со овие измени власта покажува дека нема волја да се надмине политичката криза во земјата и воедно се обидува „вината“ за бруталните настани од 24-ти декември 2012 година да ја префрли на Деловникот. Но, тоа е проѕирен обид, кој никого нема да убеди дека 24-ти декември бил резултат на слабостите на Деловникот. Напротив, оваа практика на менување на Деловникот без постигнување на поширок консензус и во ситуација кога опозицијата не е во Собранието ќе биде уште една потврда дека власта ја игнорира политичката криза и ја повторува праксата на владеење без почитување дури и на најосновните демократски стандарди“, смета Дескоска.

Предлагачот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ образложи дека измените на Деловникот ги предлагаат за да се избегнат блокади на работата на комисиите како на таа за буџетот. Со измените на Деловникот се крати временската расправа при носењето на буџетот, закони со европски знаменца и економската агенда. Новиот Деловник нема да важи за законот за бранители.