Власите се на сите и на никого | Македонија | DW | 07.08.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Власите се на сите и на никого

Во македонското село Маловиште денеска се слави Света Ана. Селото е со етничко влашко население и е типичен пример за ситуацијата на Власите на Балканот. Тие се речиси совршено интегрирани, или можеби асимилирани?

default

Влашка икона

Пред десет години Парламентарното Собрание на Советот на Европа ја усвои препораката 1333 која се однесуваше на почитувањето на јазичните и културните права на Власите и Ароманците во Европа. Поднесувачот на резолуцијата шпанскиот парламентарец Луи Мариа де Пуч денес констатира: “Десет години подоцна ситуацијата е за жалење. Не можеме да забележиме скоро никаков напредок.”

Тоа ни го потврдува и Мариана Бара, професор по лингвистика на Букурешкиот универзитет и вице претседател комисијата за културните проблеми на ароманската заедница во Романија: “Ништо позитивно не е сигнализирано во однос на нашиот јазик и култура во земјите во кои живееме”.

Тоа беше и целта на посетата на делегацијата Власи од сите балкански земји, за да ги запознаат високите претставници на Советот на Европа со нивната актуелна ситуација.

Ситуацијата во секоја земја е многу различна

“Ако од една страна, на прво место ја имаме Република Македонија, барем според загарантираните права за Власите, според она што е зацртано на хартија, во реалност ситуацијата е поинаква, бидејќи за реализација на активностите на влашката заедница во Македонија практично и да нема буџетски средства”, вели Мариана Бара.

“Од друга страна ја имате Албанија, каде ништо не е направено. Во Грција ситуацијата е уште посложена бидејќи постојат културни здруженија и се признава улогата на влашката заедница во историјата на земјата, но не се прави ништо за изучувањето на влашкиот јазик. Во Бугарија Власите не се бројни. Во Романија официјално не сакаат многу, не признаваат како браќа, но немаме никакви права”, додава Мариана Бара.

Сечии и ничии

Влатко Димов, свежо дипломиран на факултетот за политички науки во Констанца, ја претставуваше македонската влашка заедница во делегацијата која престојуваше во Стразбур. Од неговото искуство во работата во влашките здруженија заклучува: “На Балканот Власите се на сите и на никого!"

Што се однесува до ситуацијата на Власите во Македонија тој нагласува:“Сигурно дека во Македонија ситуација на Власите, гледано од правна гледна точка е добро дефинирана. Тоа што би требало да се направи за Власите од Македонија, е да се најдат програми низ кои Власите ќе бидат привлечени кон нивната култура и традиција. Бидејќи во моментов имаме ситуација во која тие се асимилирани.”

Според младиот Димов, ситуацијата на Власите во Македонија може да се подобри само преку интервенција на нејзините институции.