1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Владините партнери ги надминаа несогласувањата

Премиерот Никола Груевски ја смири топката. По средбата со лидерите на коалиционите партнери ДПА и НСДП изјави дека владината криза е надмината.

default

Седница на владата на премиерот Груевски

„Изминатиот викенд Мендух Тачи и Тито Петковски ги надминаа меѓусебните недоразбирања, кои никогаш не претставувале закана за растурање на владината коалиција. Таа коалиција продолжува да функционира стабилно“ – изјави премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски - „Петковски и Тачи разговараа отворено за сите работи и на крајот најдовме начин како да ги надминеме“.

Но, само еден ден по ова „пеглање“ на односите меѓу партнерите во Владата, предизвикано од гласањето на НСДП за интерпелацијата против заменикот – министер за внатрешни работи Рефет Елмази од ДПА, Тито Петковски вчера во Тетово се огласи со апел: „Сите партии и политичари да ги остават настрана своите лични и партиски суети и фрустрации, меѓусебните кавги и делби и да ги прифатат вистинските поуки и жестоките критики од Брисел и Вашингтон, а потоа заеднички да се сконцентрираат на европската иднина на народот и на Република Македонија“.

Иднината на Македонија е поважна од суетите и фрустрациите

„Мислам дека – не исклучувам никого – ние сме многу повеќе преокупирани со политичките партии, нивниот углед и рејтинг, отколку со иднината на државата. Ако не е така, мислам дека суетите, фрустрациите, лични, политички, ќе ги ставиме настрана, а дека на преден план ќе бидат националните и државните интереси“ Петковски беше прашан: „Дали е ова критика и на адреса на Никола Груевски и има ли најнова промена во позицијата на НСДП?“: - „ Апсолутно не станува збор за тоа дали ќе опстои коалицијата, или не. На самиот старт, кога влегував во коалицијата, рековме дека влегуваме како политички партии со различна програмска ориентација, но со заедничка цел: како да се забрзаат реформите и да успее Република Македонија. Тука може да има и различни погледи и сфаќања по одделни прашања, но, дефинитивно, кога станува збор за генералниот курс по кој треба да се движи Република Македонија, тука сме заедно. Значи, одговорот на вашето прашање: е апсолутно да, коалицијата која што сега ја води Владата на РМ не е доведена во прашање со ништо, или со никакво поединечно гледање на коалиционите партнери во Владата за определено прашање“.

СДСМ преку потпретседателот Јани Макрадули говори за „постојани конфликти меѓу владините партнери, кои тесно – партиските интереси ги ставаат над националните“. Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ обвинува дека „идејата за криза и раздор во Владата ја форсира СДСМ со својот сателит – ЛДП, која ќе има обврска постојано да тврди дека и се нуди влез во кабинетот на Груевски. Илија Нешковски, гласноговорникот на либералдемократите, е категоричен: - „ВМРО ДПМНЕ и ДПА не се партнер за коалицирање со ЛДП“.

Никола Груевски со контракоментар: –„Значи, тие се уште во филм. Добро. Нема таква понуда, така што ние немаме и некој сериозен проблем, за да дојдеме до тоа да им нудиме на некои други“. Овие два – три дена Мендух Тачи и ДПА, би рекле, мудро молчат. Интересно ќе биде да се чуе, на пример, како Мендух Тачи ќе ги коментира најновите ставови на Тито Петковски, кажани вчера во Тетово само на неколку стотини метри подалеку од седиштето на неговата ДПА, па да се види дали навистина остануваат заедно цврсто во коалицијата со Никола Груевски.