1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Владина криза благодарение на Берлускони

Коалиционата влада на италијанскиот премиер Енрико Лета е пред распад. Сите пет министри на партијата Народ на слободата, предводена од екс-премиерот Силвио Берлускони, поднесоа оставки.

Со оставките на министрите од партијата на Силвио Берлускони, препукувањата и споровите во рамките на левичарско-десничарската владина коалиција во Рим достигнаа кулминација. Петте министри од партијата Народ на слободата со својот акт реагираа на најавата на премиерот Лета да го постави прашањето на доверба во владата пред пратениците во парламентот, со цел да се увери дали зад себе сѐ уште го има мнозинството. На овој начин бараното изјаснување за поддршка на Демократската партија на Лета, следбениците на Берлускони го протолкуваа и го одбија како „неприфатлив ултиматум“.

Спор околу мандат во Сенатот

Заднина на спорот е правосилната пресуда против Силвио Берлускони поради затајување данок. Како последица на неа, на 77-годишниот политичар му се заканува губење на местото во Сенатот, вториот парламентарен дом. Ова Партијата на слободата сака да го спречи по секоја цена, со цел да го обезбеди политичкото преживување на партискиот лидер. Сопартијците на Берлускони аргументираат - донесениот закон во 2012 година, според кој секој политичар осуден на казна затвор подолга од две години, го губи својот мандат, е неприменлив на деликтите извршени претходно. Комисијата на Сенатот за прашања на имунитет за случајот ќе одлучува следниот петок. Во првото изјаснување, Комисијата веќе се изјасни против тоа Берлускони да може да го задржи мандатот во Сенатот и покрај изречената затворска казна. Поради староста, Берлускони нема да мора да ја одлежува казната во затвор, нему му останува избор меѓу куќен затвор и добротворна работа.

Отфрлување на „алиби“ аргументите

Шефот на партијата Народ на слободата крахот во коалицијата го оправдува со несогласувања околу данокот на додадена вредност, кој од 1. октомври треба да се зголеми од 21 на 22 проценти. Со тоа Лета го прекршува договорот во коалицијата, тврди Берлускони.

Symbolbild Italiens Regierung droht der Kollaps am 28. September 2013

Италијанскиот премиер Енрико Лета и министерот за внатрешни работи Анџелино Алфано

Премиерот Лета реагираше невообичаено остро. Во соопштението тој го обвини својот претходник дека данокот на додадена вредност го користи само како алиби за да ја оправда неодговорната оставка на своите министри. Ваква „голема лага и ваков обид за изобличување на вистината“, ќе му се врати на Берлускони како бумеранг, истакна Лета.

По оставката на министрите, од владини кругови протекува информација дека Лета и натаму сака да ја испита поддршката од Парламентот, но можеби нема да бара гласање доверба. Ако Лета загуби при гласањето доверба, претседателот Џорџо Наполитано ќе треба да распише нови избори. Тој меѓутоа навести дека не сака да презема таков чекор, зашто сегашниот парламент е изгласан во февруари годинава. Партијата на Лета во Претставничкиот дом располага со јасно мнозинство, но во Сенатот е зависна од партијата на Берлускони. Во Демократската партија сѐ погласни се протестите против коалицијата со Берлускони. Партијата не може повеќе да ги трпи заканите и уцените, изјави генералниот секретар Џулиемо Епифани, зашто земјата тоа не го заслужила.

Следната недела треба да ги разјасни приликите. Италија, трета по големина економија во еврозоната, страда поради упорна рецесија и висока невработеност.