1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Владиката и муфтијата на средба за „случајот Октиси“

Претставниците на верските заедници треба да се договорат како да се смират страстите и без тензии да почне изградбата на црквата „Св. Димитрија“ во село Октиси

Струшкиот муфтија Салим Сулејмани и митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј, денеска на заедничка средба со струшкиот градоначалник Зијадин Села треба да најдат излез за смирување на тензиите што настанаа пред десетина дена, при обидот да се постави камен-темелник за обновување на црквата „Свети Димитрија" во селото Октиси. Во ова струшко село, со над 4.000 жители, околу десет отсто се православни Македонци, а мнозинството Македонци - муслимани, кои во последните години етнички различно се декларираат поради партиско-политичка конјуктура.

Политиката подалеку од верата

Овде никогаш немало меѓуверски проблеми и се надевам дека и во иднина ќе биде така, уверува струшкиот муфтија Салим Сулејмани.

„Тензиите мора да се смират, а политиката не смее да влијае врз верскиот живот. Не знам кој сака да внесе политика, ама ако некој има таква идеја тоа веднаш мора да се спречи. Тоа им го реков и на претставниците на ОБСЕ кои го посетија селото пред неколку дена. Не е важно колкав е проценот на верници од која било вероисповед. Каде што има верници, треба да има и верски објект", вели Сулејмени.

Муфтијата вели дека лично ги смирувал тензиите во Октиси пред десет дена. „Кога ми јавија дека има проблем, веднаш дојдов. Ја ставив чалмата на глава, да се знае дека дошол муфтијата, иако повеќето медиуми лажно објавија дека селскиот имам ги смирувал протестите на муслиманските верници. Еден по еден ги разубедив да се вратат дома. Присутна беше и полицијата и јас им благодарам што помогна да не се случи никаков инцидент. Јас сум оптимист дека ќе се надминат сите недоразбирања, со разговор и добра мисла. Но, ме загрижуваат некои изјави, како онаа на свештеникот Зоран Поповски дека 'во Октиси ќе се случи народ и дека ќе дојдат 10.000 православни верници'. Тие изјави не водат кон смирување на состојбите", потенцира струшкиот муфтија.

Ќе побараме полициска асистенција

G G Stefan Oberhaupt der Mazedonischen Orthodox Kirche

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан

Отец Зоран Попоски, надлежен старешина на црковните одбори за селата Октиси, Вевчани и Горна Белица, вели дека ако сакал да се случи народ ќе ги повикал верниците уште на денот кога била блокирана изградбата на црквата.

„Јас знам што е меѓуетничка и меѓуверска толеранција. Ме канат невладини организации да држам предавања на таа тема. Кога видов како се блокира изградбата на црквата, водејќи се од богословското учење дека молитвата е најсилното оружје, се молев да надвладее верата и разумот. И му благодарам на Бога што ги сослуша моите молитви. Тој ден нам ни беа згазени човековите права, бевме понижени и спречени да влеземе на плац на МПЦ. Јас не знам зошто воопшто се преговара со градоначалникот на Струга. Ние имаме валидна градежна дозвола за почеток на изградба на црквата, која истекува на 20 септември, и ние до тој датум мора да го поставиме камен-темелникот. Ако треба ќе побараме полициска асистенција, за да се овозможи функционирање на правната држава", категоричен е отецот.

И роковите се флексибилни

Владиката Тимотеј во тој датум не гледа крајна граница по која не би можело ништо да се реализира.

„Градежни дозволи истекуваат, но и се продолжуваат. Тоа секојднево се случува. Не е проблем крајниот рок. Состојбата треба да се реши со разум и разбирање. Одговорност е на ИВЗ е да вложи напор да се надминат овие недоразбирања", вели владиката. И градоначалникот на Струга најави дека рокот за изградба на црквата може да се продолжи со времена мерка.

„Со тоа ќе си дадеме простор страстите да се смират и претставниците на верските заедници да седнат да се договорат", изјави Села.
Но, на неговата последна средба со владиката Тимотеј, не присуствуваше струшкиот муфтија.

„Беше најавено дека треба да има средба, но тој ден не ме повикаа. Не знам зошто и не се лутам. Добро е што се одржа средба. Јас сум овде, подготвен да помогнам и помагам", вели муфтијата.

Нему, муслиманските верници во селото му предочиле дека на одобрената локација во Октиси никогаш во минатото немало црква, туку само плато на кое се одвивале разни културни и празнични прослави. Но, од Црковниот одбор располагаат со фотографии од малата црква возобновена во 1974 година, која поради големо и опасно оштетување на ѕидовите самите биле принудени да ја урнат во 2009 година. Имаат уверение од 1954 година дека тоа е црковен имот, кој некогаш имал 1.000 квадратни метри, а денес само 419. Сметаат дека тоа е доволно за да ја возобноват малата црква, една од осумте, според која селото Октиси го добило името од грчките зборови „окто" и „клис", што значи осум цркви.

Вчера Лажец, денес Октиси

Mazedonien - Land und Leute

Верници во џамија во Македонија

Денес во Октиси навидум ништо не покажува дека пред десетина дена соселаните од различна вероисповед стоеле едни спроти други одвоени со кордон полиција.

„Ситуација е мирна, но не и суштински смирена. Се чувствува дека нешто тлее", велат православни жители. Ист е впечатокот и кај муслиманите.

„Ќе треба време пак да се врати довербата. Политиката направи многу штета", велат муслимани. Но, никој не сака да зборува кој стои зад таа политика.
Аналитичарот Даут Даути оценува дека случајот со Октиси е идентичен на оној за градење џамија во с. Лажец, Битолско.

„Таму дозволата за градење џамија е 'свежа' уште од 2004 година, но жителите од православна вероисповед не дозволуваат нивните сограѓани-муслимани да градат џамија таму каде што тие тврдат дека постоела уште од време турско. За надминување на тоа недоразбирање не помогна ни Октиси, ни локална власт ни верски старешини. Е, сега, кога се случуваат протести на муслиманите од Октиси, сите ја повикуваат ИВЗ да помогне со својот авторитет. Таа молчи, оти кога имала потреба од помош од МПЦ, не ја добила. А и се сомневаат дека зад сето оваа е вмешана политиката", оценува Даути. Според него, ова е добра можност МПЦ и ИВЗ да седнат заедно и да се заложат и црквата во Октиси и џамијата во Лажец да се изградат за доброто на верниците, а не тие да служат за поделби и за кавги.