1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Владејачката партија одбива реконструкција на владата на Тунис

По убиството на водач на опозицијата, ситуацијата во Тунис ескалира. Протестите продолжуваат, а странските политичари предупредуваат да не се уништат придобивките од мирната револуција.

Владејачката партија во Тунис, Енада го одби предлогот на премиерот Хамади Џебали за отпуштање на владата и формирање технократски кабинет.

„Премиерот не ја праша партијата за мислење“, изјави Абделхамид Џалси, вицепретседател на исламистичката партија. „Ние од Енада сметаме дека на Тунис сега му е потребна политичка влада“. Партијата ќе ги продолжи разговорите со другите партии за владин сојуз.

Со најавата за реконструкција на кабинетот, премиерот реагираше на демонстрациите, непријателски насочени кон владата. Протестите ги предизвика ладнокрвното убиство на водачот на опозицијата Шокри Белаид. Овој познат правник, кој беше убиен пред неговата куќа, утре треба да биде погребан. Тој се залагаше за поделба на државата и религијата и во Тунис се сметаше за еден од најострите противници на владата. Неговото семејство и политичките придружници одговорноста за атентатот и ја префрлија на исламистичката партија Енада.

Во меѓувреме продолжуваат протестите против исламистичката влада. Во централно тунискиот град Гафса дојде насилни судири пред седиштето на владата на таа провинција, откако беше фрлен молотов коктел кон полицијата, информира репортер на агенцијата АФП. Полицијата потоа употребила солзавец против толпата.

Во главниот град Тунис насобраните демонстранти скандираа: „Народот сака соборување на режимот“. Демонстрантите се движеа по силно обезбедуваната алеја Хабиб Бургуиба се’ до министерството за внатрешни работи.

Протестните маршеви ги организираше опозициониот Народен фронт, сојуз на лево ориентирани партии, кон кој припаѓаше и убиениот политичар Белаид. Адвокати и судии во целата земја му се приклучија на бунтот. Исто така и студентите на универзитетот Мандуба во близина на Тунис ја прекинаа работата. Утре (08.02.13) треба да се одржи генерален штрајк на кој повикаа опозиционите политичари и синдикатите.

Се дистанцира и Муслиманското братство

Голем број странски политичари веќе изразија загриженост за ситуацијата во Тунис. „Зголемениот број на политички насилни дела од страна на екстремистички групи претставува опасност за политичките промени“, пишува во заедничкото соопштение на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон и комесарот за проширување Штефан Филе. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ги повика сите политички фактори, да го зачуваат наследството на мирната револуција.

Исто така и Муслиманското братство, кое е на власт во Египет, се дистанцираше од атентатот: „Муслиманското братство ги осудува повиците за убиство, без оглед од која страна доаѓаат“, изјави портапаролот Махмуд Гослан.