1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Влада до крајот на неделава

До крајот на неделава мандатарот Никола Груевски ќе го обелодени владиниот кабинет. Засега е сигурно дека ДПА ќе добие четири министерски места и еден вице-премиер, левата Нова социјалдемократска партија на Тито Петковски ќе добие две, а клучните економски ресори ќе бидат во рацете на победничката ВМРО ДПМНЕ.

Груевски за три дена ќе го соопшти својот тим

Груевски за три дена ќе го соопшти својот тим

Од ВМРО ДПМНЕ е соопштено дека можни вице-премиери би биле македонскиот Американец, Глигор Ташковиќ, кој сега е ангажиран на балканскиот нафтоводен проект АМБО и не е исклучено од Вашингтон и Светската банка да биде вратен Зоран Ставрески, еден од младите економисти од екипата на Никола Груевски, кога тој беше министер за финансии. Вчера попладне се ефектуира договорот меѓу Никола Груевски и Мендух Тачи за учество на ДПА во идната македонска влада. Тачи кусо коментираше:

“Оваа влада ќе треба да функционира како целина. Имаме многу заеднички допирни точки, многу заеднички интереси и мислам дека така ќе функционираме. “

Тачи соопшти дека во петок мандатарот ќе ја обелодени владата. И покрај вчера започнатите протести на ДУИ, кои продолжуваат и денеска низ цела западна Македонија, партијата ќе мора да се соочи со опозицискиот статус во македонскиот парламент. Се помали се шансите од таборот на Али Ахмети да се извлече ПДП и нејзините тројца пратеници и на тој начин да се распадне предизборната коалиција ДУИ-ПДП.Кенан Муслиу, еден од поранешните министри од ПДП, кој вчера се најде на скопските блокади, заедно со партиските симпатизери на ДУИ, рече:

“Убедени сме и така треба да биде – дека оваа коалииција треба да биде дел од власта. Некои шпекулираат дека право на мандатарот е да формира влада. Ако е тоа така, тогаш зошто Груевски не формира влада само со македонските партии? Тоа значи дека Македонија има свои специфики.“

Засега никој не ги официјализира трите клучни министерски места - за надворешни работи, за одбрана и за полиција, за што мандатарот Груевски треба да го чуе и мислењето на претседателот Црвенковски, кој има ингеренции во надворешната и безбедносната политика на Македонија.