1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Владата на Самарас повторно „на маки“

Грчкиот парламент доцна вечерва (7.12) гласа за Буџетот 2014. Гласањето е уште еден тест за владата на премиерот Андонис Самарас. За вечерва се најавени демонстрации на двете најголеми синдикални здруженија во земјата.

Владата на Андонис Самарас е соочена со уште еден тест во рок од само еден месец. Парламентот вечерва треба да гласа за буџетот за наредната година. Самарас и неговиот кабинет пред нецел месец (11.11) го преживеаја гласањето за доверба во парламентот, поднесено од страна на радикалната левица Сириза. Двете најголеми синдикални здруженија во приватниот и јавниот сектор во земјата за вечерва најавија демонстрации пред парламентарната зграда во Атина.

Според предлог буџетот за 2014 година, земјата првпат по повеќе години на крајот на 2013-та ќе забележи мал примарен суфицит (без камати) од 812 милиони евра. За 2014 -та е предвиден плус од 2,96 милијарди евра. И овој суфицит е без да се земе предвид плаќањето камати за високите долгови на земјата. Според наводи на Владата, има уште еден зрак надеж: по шестгодишен пад, економијата во 2014 година треба повторно да забележи мал пораст од 0,6%.

Владината коалиција од конзервативците и социјалистите има тесно мнозинство до 154 пратеници во парламентот, кој брои вкупно 300 пратенички места.