1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Владата на САД предупредува од финансиски колапс

САД на средината на октомври повторно ќе ја достигнат законската граница за долговите. Министерот за финансии Џејкоб Лу го повика Конгресот да преземе активности за земјата да избегне платежна неспособност.

Министерот за финансии на САД Џејкоб Лу во писмо до претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бонер ја повика спротивната страна да одобри подигање на лимитот на долговите. Во моментов горната граница за државни долгови на Соединетите Американски Држави изнесува 16,7 билиони долари. Во поинаков случај, САД до средината на октомври би можеле да бидат платежно неспособни, пишува Лу. „Едно вакво сценарио би можело да ги потресе финансиските пазари и значително да го погоди нашето стопанство“.

Владата на претседателот Барак Обама првично соопшти дека спогодба би морала да се постигне до септември. Меѓутоа економското опоравување на САД доведе до поголеми приходи од даноците. Независната канцеларија за буџетот на Конгресот затоа смета дека средства би можело да има до средината на ноември.

Обама предупредува од блокада

Barack Obama Pressekonferenz

Претседателот Обама

Во конктекст на спорот околу долговите Обама неодамна ги предупреди републиканците од блокада на неговата политика за здравството. На тој начин на милиони граѓани на САД би им се оневозможила медицинска грижа, се пожали Обама. Здравствената реформа усвоена во 2010 година се смета за најголемото социјално-политичко достигнување на претседателот. При нејзиното спроведување сега претстои важна етапа, по која ќе може да се осигураат поповолни кондиции и за оние граѓани, кои досега не можеа да си го дозволат тоа.

Повеќемина републиканци веќе се заканија дека нема да дадат согласност за буџетот, доколку не биде стопирана намерата. Во спорот околу буџетот, веќе со години лимитот за долговите е повод за одмерување на силите меѓу демократите на претседателот Обама и републиканците. Републиканците го одбиваат концептот на Обама јавните финансии да се санираат преку намалување на расходите и покачување на даноците за лицата со подобри примања.

Летото 2011 година спорот околу највисоката граница за долговите ги доведе САД речиси на работ на платежна неспособност. Последен пат земјата ја достигна дозволената највисока граница за државно задолжување на 31. декември. На крајот на јануари Конгресот постигна компромис. Во моментов на сила се вонредни мерки како на пример суспензија на државните придонеси за пензиските каси.