1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Владата им го собира „медот“ на македонските пратеници

Законските можности пратениците да заработат дополнително од други дејности или од лобирачки услуги се еднакви на нула, велат и пратениците и експертите.

default

Пратеничката функција во Македонија од октомври 2005 со закон е професионализирана и нејзините носители немаат никаква можност за вршење други дејности и за дополнителна заработувачка. Додека се на пратеничка функција им мирува претходното работно место, а сите евентуални ангажмани - научна, истражувачка или друга работа, се регулирани и лимитирани со законите за спречување корупција и на конфликт на интереси. Пратеници универзитетски професори, можат да одржат предавања на факултет, но бесплатно или за симболичен надоместок. Истото се однесува и за пратеници врвни хирурзи, ако инцидентно бидат повикани да извршат сложена операција за која во моментот недостига друг, стручен кадар. 

Централизиран систем на управување

Политичките аналитичари велат дека пратениците не можат да ги оплодат привилегиите што им ги носи функцијата ни преку лобирање за законски проекти, бидејќи фокусот на таа дејност не е во законодавната, туку во извршната власт.

Во македонската политичка практика системот на управување е целосно централизиран, па одлуките се носат исклучиво во партиите, односно во Владата, укажува Слаѓана Тасева, претседателка на невладината организација „Транспарентност нулта корупција“:

Pavle Trajanov

Павле Трајанов: Мала е можноста за се измени нешто со амандман

„Секако дека има лобирање, ама тоа се случува на друго место, не кај пратениците. Измени на закони се договараат во политички центри на моќ за потребите на некои интересни групи или поединци, кои во теоријата се наречени 'закони со дестинација', односно закони за одредена цел и за одреден нарачател. Во парламентот не е развиена практика на лобирање", објаснува Тасева. 

Во Македонија јавна тајна е дека парламентот е претворен во обична гласачка машинерија. Владејачкото мнозинство е во инфериорна положба, целосно подредено на извршната власт.

„Мнозинство секогаш гласа за предлозите што доаѓаат од Владата. Мала е можноста да се учествува и нешто да се измени со амандман", признава Павле Трајанов, пратеник од владејачкиот Демократски Сојуз.

Прстот вперен во Владата

Неговиот колега од опозицискиот Социјалдемократски Сојуз, Емилијан Станковиќ, ја потврдува таквата практика:

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus

Пратеничката функција е професионализирана

„Пратениците од владејачкото мнозинство не смеат ни да зборуваат без дозвола од Владата, а камо ли да лобираат или да гласаат поинаку од желбата на извршната власт. Законските можности пратениците да заработат дополнително од други дејности или од лобирачки услуги се еднакви на нула. Има минимални шанси за тоа, само ако некој незаконски работи во спрега со владини функционери. Во Македонија нема лобирачка корупција кај пратениците, туку има владејачка корупција поврзана со функционери во извршната власт", оценува Станковиќ.

Како главен сигнал за тоа го посочува фактот дека најголемиот број законски предлози што доаѓаат од Владата се однесуваат на штитење на бизнис интереси на големите монополи и економски оператори, а законите за социјалните и економски мерки битни за граѓаните, се оставени да ги предлага опозицијата.

Еден овластен лобист

Дека извршната власт е најголема и нелојална конкуренција во лобирањето, покажува фактот дека во Македонија пет години постои Законот за лобирање, но од тогаш до денес е регистриран само еден лобист. 

Пратеници кои сакаат да останат анонимни велат:

„Никој не сака да биде лобист, бидејќи од таа дејност кај нас 'медот' го собира извршната власт. Иако имаме закон, во Македонија повеќе се лобира под маса, отколку на маса. Пратениците живеат само од својата плата. Видете ги извештаите за нивната имотна состојба по завршувањето на мандатот, па ќе се уверите дека тие воопшто не сркнале од медот", велат пратениците.

Платата на македонските пратеници изнесува околу 1.000 евра.

Поврзана содржина